ПОЧЕТНА АБА МЗТ Скопје си одигра чесно, Спарс нека му ја мисли дали е...

МЗТ Скопје си одигра чесно, Спарс нека му ја мисли дали е дебаклот реален

сподели

Македонскиот вицешампион со убедлива победа го заврши лигашкиот дел од АБА 2 натпреварувањето.

Во последното коло убедливо го совлада тимот со кој ќе се сретне во полуфиналето и преку кој ќе бара барем бараж за враќање во регионалната елита. Спарс дојде во Скопје без четворица стандардни кошаркари (Бајрамовиќ, Протиќ, Врабац и Албијаниќ), но на МЗТ Скопје тоа не му беше важно и славеше со 93:77.

За разлика од неговиот колега во тимот на Спарс, Ѓорѓи Кочов одигра максимално чесно, не ги штедеше своите кошаркари, напротив, го искористи натпреварот за дополнително да ги воигра со оглед на тоа што екипата се менуваше оваа сезона, а и имаше голем број повредени. По добрата игра и убедливата победа, му остави на тренерот на Спарс да прави анализа дали овој убедлив пораз е реален или е плод на некомплетниот состав.

Во првото полувреме босанскиот тим држеше резултатска неизвесност, на моменти и водеше, но МЗТ Скопје по серијата од 8:0 пред крајот на првиот дел дојде до водство од 45:38.

Во третиот период нашиот тим качи во повисока брзина и во 26-тата минута веќе имаше _15 (61:46). До крајот Спарс намали на -6, но во последната четвртина веќе немаше неизвесност. МЗТ Скопје почна со 10:0 за 78:60 по што гостинската екипа не успеа резултатски да се врати.

Предраг Самарџиски го повтори, па дури и го надмина изданието од дербито против Работнички. За 35 минути постигна 26 поени, 14 скока, 4 асистенции и три украдени топки за индекс 39. Иванов беше одличен во првото полувреме, заврши со 19 поени и, исто така, ја потврди добрата форма во овој дел од сезоната.

МЗТ Скопје два пати оваа кампања го совлада Спарс и поради тоа има право на оптимизам пред полуфиналната пресметка. Таа почнува на 21 март во Сараево, вториот меч се игра во Скопје три дена подоцна, а евентуалната мајсторка повторно во босанската престолнина на 28 март.