ПОЧЕТНА АБА МЗТ Скопје покажа моќ кога сите го отпишаа

МЗТ Скопје покажа моќ кога сите го отпишаа

сподели

Единствениот македонски претставник во АБА 2, МЗТ Скопје ја оствари третата победа, трета на домашен терен.

Жилавиот Ловќен се закани дека ќе ги однесе бодовите од Аеродром, но не издржа во продолжение и загуби со 100:90. Нашиот тим повторно осцилираше, но ја задржа концентрацијата кога беше потребно и им се врати на победите по несреќниот пораз на гости кај Приморска.

Аплицирајте веднаш за

Дека нема да биде лесно се виде уште на почетокот од натпреварот. МЗТ Скопје подобро почна, почесто беше во водство, но не направи опиплива предност. Место тоа, Ловќен со серија од 8:0 отиде на 20:13, а на крајот од првата четвртина имаше +5 (19:24).

Уште тогаш стана јасно дека Алекса Поповиќ ќе биде голем проблем за нашиот тим. Едвај десетина минути му требаа да дојде до двоцифрен број поени, а не можеше никој да го запре.

И во втората четвртина слична слика. Во 15. минута водство на црногорскиот тим од седум поени (30:37), но МЗТ Скопје со добра игра во финишот се избори за само -2 на пауза (43:45). Љубомир Младеновски го одигра најдоброто полувреме оваа сезона во АБА 2 постигнувајќи 10 поени.

На почетокот од вториот дел МЗТ Скопје го презеде водството, но Ловќен повторно направи серија, сега од 7:0 и поведе со 53:59. Нешто подоцна пак имаше +7, но МЗТ Скопје намали малку до крајот на четвртината.

Се чинеше дека нашата екипа, конечно, го скрши отпорот на противникот кога во 35. минута поведе со 73:68. Иве Иванов имаше можност можеби и да го реши победникот, но промаши две слободни фрлања по што противникот постигна девет поени по ред за водство од 73:77.

Во последните две минути МЗТ Скопје се избори за продолжение, а во него демонстрира доминација каква што не успеа да наметне во основните 40 минути. Почна со 6:1, а потоа направи +8 (93:85) пред да стигне до „стотката“.

Во моментите кога се одлучуваше победникот на сцена стапи Медфорд кој го заврши натпреварот со 24 поени, 5 скока и 4 асистенции. Она што е поважно е што МЗТ Скопје го преживеа одличниот Алекса Поповиќ кој постигна 33 поени, 7 скока и 3 асистенции.