ПОЧЕТНА АБА МЗТ Скопје е првиот финалист во АБА2

МЗТ Скопје е првиот финалист во АБА2

сподели
фото: МЗТ Скопје

Македонскиот претставник е на чекор до враќање во јадранската елита, откако со чисти 2:0 го совлада претставникот на БиХ, односно славеше со 84:70 во вториот натпревар од полуфиналната серија.

Оваа победа, овој натпревар беше само круна на сезоната која што МЗТ ја одигра одлично, но за да светнат дијамантите, потребно е да се направи посакуваниот исчекор – победа во големото финале или по подолгиот пат, триумф во баражот.

druga.aba-liga.com

Доминацијата на МЗТ над овој противник е повеќе од очигледна, во 4 натпревари сезонава нема ниту еден пораз од сараевскиот тим. Ова не беше најубедливата, но беше најзначајната победа за штрковите и за македонската кошарка, во досегашниот тек од натпреварувачката година.

Иванов беше лидер со 24 поени (9 скока), 19 постигна Дамјан Стојановски, 14 имаше Лестер Медфорд (9 асистенции), 11 реализира Предраг Самарџиски, 10 имаше Андрија Бојиќ. Ова само покажува дека кога е потребно, секој од играчите на МЗТ Скопје може да ја преземе улогата што во моментот се бара од него.

druga.aba-liga.com

Во текот на сезоната Бојиќ, Вудард, Медфорд и Иванов беа лидерите, но аеродромската екипа е конструирана да игра тимот, а не поединците, кои што секако имаат свои моменти на инспирација, како во претхдниот меч во Сараево.

Металците беа подобри од гостите во сите можни статистички сегменти, а и вкупната слика во реалноста, на теренот, покажа дека составот од „Јане Сандански“ едноставно е поквалитетен противник и е печен за враќање во првото друштво меѓу екс-ју екипите.

druga.aba-liga.com

Скопската екипа го чека подобриот од двомечот Приморска – Борац, словенечката води со 1:0 против српската, вториот меч се игра од 21 часот во Чачак.

Победникот во финалето оди директно во АБА лигата, а поразениот финалист ќе игра бараж со екипата на Задар, која што беше последнопласирана во елитното регионално друштво.