ПОЧЕТНА АБА МЗТ Скопје го загуби невозможното

МЗТ Скопје го загуби невозможното

сподели

Неверојатен пораз доживеа македонскиот вицешампион на првото гостување од АБА 2.

Четата на Ѓорѓи Кочов имаше добиен натпревар кај можеби најголемиот ривал за првото место во оваа конкуренција Приморска, но по продолжение загуби со 91:84.

Аплицирајте веднаш за

Неверојатно е затоа што на 79 секунди пред крајот на регуларниот дел, по кошот на Иве Иванов, МЗТ Скопје имаше осум поени предност (77:69). Се разигра Хоџиќ кој само четири секунди подоцна постигна тројка, потоа уште една и на 35 секунди пред крајот со положување израмни на 77:77.

Дури, домаќините имаа можност во основните 40 минути да го решат прашањето околу победникот затоа што го добија последниот напад, но Соколов добро реагираше во одбраната и го одведе натпреварот во продолжение.

Во него Приморска го диктираше темпото, веднаш направи четири поени предност (81:77), а потоа само го зголемуваше водството. Играта на МЗТ Скопје целосно се распадна, не функционираше одбраната и во тие 5 минути нашиот тим прими 14 поени.

Штета, затоа што со исклучок на тие 79 секунди и краток период во третата четвртина, МЗТ Скопје одигра мошне зрело и тактички супериорно. Затворени беа главните играчи Шишко и Јагодиќ-Куриџа и во најголем дел од мечот нашиот вицешампион го диктираше темпото.

Во првата четвртина водеше со осум поени разлика (8:16), во втората имаше и +9 (28:37), а потклекна единствено во третата кога Приморска направи пресврт и дојде до 61:55.

Последниот период МЗТ Скопје го почна со 13:2 и поведе со 68:63, на две минути пред крајот имаше и 74:66, но сето тоа падна во вода поради лошиот финиш. Освен тоа, тимот од Аеродром ја загуби битката под кошевите бидејќи Приморска оствари 14 скока повеќе (47:33 од кои 19 офанзивни) и тука можат да се бараат причините за поразот.

Вудард со 20 и Медфорд со 19 поени беа најефикасни во нашата екипа, но Чакарун со 27 поени и 11 скока го одбележа овој натпревар.

Приморска острана на првото место по овој натпревар, а МЗТ Скопје падна на третата позиција. Во следното коло во Скопје гостува црногорскиот тим Ловќен.