ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА МЗТ пак се мачеше, ама пак победи

МЗТ пак се мачеше, ама пак победи

сподели
фото: МЗТ Скопје / Петр Стојановски

Слично како во Гевгелија, како во Охрид, па и како против Гостивар на домашен терен, МЗТ Скопје на искуство дојде до победа, шеста оваа сезона во Првата лига.

Го совлада Куманово со 76:70 за крај на напорната двомесечна етапа по која екипата ќе одмори десетина дена пред продолжението на борбата на два фронта.

Аплицирајте веднаш за

Куманово пропушти можност да направи сензација, но и да земе скалп на една голема екипа оваа сезона. На домашен терен загуби и од Работнички во меч во кој 35 минути го диктираше темпото, а сега слично му се случи и против МЗТ Скопје.

Дека кумановци и покрај намалените амбиции оваа сезона не се дојдени во Аеродром за формално да одиграат натпревар и да се предадат, покажаа во првата четвртина. По осум минути игра имаа водство од 11:20 пред МЗТ Скопје да врати со 9:2 и да се избори за минимална негатива на крајот од првата четвртина.

И вториот период се одвиваше слично, гостите диктираа, но вицешампионот не дозволи да се одлепат на повисока разлика. Така беше се до почетокот на последната четвртина кога по серијата поени на Думиќ, Куманово замина на двоцифрена предност (57:67).

Но, место тоа да ги мотивира другите кошаркари, Думиќ остана сам, постигна 11 поени во низа, а со исклучок на еден кош на Пенов, никој од другите не поентираше. На шест минути пред крајот гостите водеа со 62:68 и до крајот постигнаа само два поена.

Кризата во нивната игра делумно беше предизвикана од поагресивната одбрана на МЗТ Скопје, а неможноста да реализираат во нападот го надополнуваа со чудни и бесмислени лични грешки во одбрана. Тоа им даде шанса на домашните кошаркари без многу борба да поентираат од линијата за слободни фрлања и од напад во напад резултатот се менуваше.

Во последните шест минути, МЗТ Скопје направи 14:2 и тука го сврте натпреварот во своја корист. Од тие 14 поени, девет беа постигнати од „пенали“. Куманово го заврши натпреварот со 18 загубени топки, осум повеќе од противникот.

Тимот од Аеродром тешко успеа да го надополни отсуството на Андрија Бојиќ кој не играше поради суспензија. Медфорд со 13 поени беше најефикасен.

Кај Куманово, Думиќ беше убедливо најдобар играч со 21 поен, но потфрлија дел од другите од кои се очекуваше да преземат одговорност во клучните моменти.