ПОЧЕТНА АБА МЗТ зариба кај „фенерџијата“

МЗТ зариба кај „фенерџијата“

сподели

Не му оди на гостувањата во АБА 2 на македонскиот вицешампион. По поразот кај Приморска во третото, загуби и кај досегашниот „фенерџија“ во регионалното друштво Зрињски со 93:87.

Неуспех што веројатно не го очекуваше никој во тимот имајќи предвид дека босанскиот претставник не е меѓу елитните екипи во ова натпреварување и до овој дуел немаше победа. Скапо чинеше лошиот почеток, односно заспаната игра на стартот од натпреварот по што МЗТ Скопје не успеа тотално да се врати.

Аплицирајте веднаш за

Веројатно клучниот период беа првите пет минути од мечот. По 3:3, Зрињски направи серија од 14:0 за водство од 17:3 во петтата минута, а во седмата веќе достигна 16 разлика (23:7).

МЗТ Скопје тогаш почна да игра, до крајот на четвртината се доближи на -9 (25:16), но остана на тоа бидејќи во продолжение Зрињски продолжи да доминира и во 18. минута поведе и со 17 разлика (47:30). Не функционираше одбраната на тимот од Аеродром, домаќинот погодуваше како сака и во такви услови беше невозможно да се достигне негативата.

Својата игра нашиот вицешампион не можеше да ја најде ни во вториот дел во кое остана двоцифрената предност на Зрињски, а на истекот на третиот период ја достигна највисоката предност од 20 поени (76:56).

Но, кога се чинеше дека МЗТ Скопје е загубен, почна драмата во Мостар. Без некоја подолга серија, кош по кош, нашиот тим почна да ја намалува високата негатива и на 18 секунди пред крајот се доближи на само два поена (89:87). По брзиот фаул, Рамљак погоди две слободни фрлања, Симоновски промаши тројка, а Медфорд не реализира од одбиената топка, па Миличевиќ од пенал-линијата стави точка на мечот.

Нашиот тим немаше одговор за Марко Рамљак кој го одигра најдобриот натпревар оваа сезона постигнувајќи 35 поени и индекс 41. Миличевиќ исто така беше одличен, заврши со 25 поени.

Кај МЗТ Скопје, Иванов беше прв стрелец со 26 поени, а од поразот може да радува само добрата игра на Симоновски кој постигна 20 поени од кои шест тројки.

И покрај поразот, составот на Ѓорѓи Кочов останува во топ-4 во АБА 2, но во следното коло ќе има вистински предизвик бидејќи во „Јане Сандански“ гостува поранешниот европски шампион Сплит, единствената непоразена екипа во досегашниот дел од сезоната.