ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА МЗТ внимавај, Блокотехна „меле“ се пред себе

МЗТ внимавај, Блокотехна „меле“ се пред себе

сподели

Пет натпревари во новата година, пет победи на Блокотехна. Само Пелистер помина со едноцифрена разлика, сите други, и во домашното првенство и во БИБЛ лигата, гевгелискиот тим буквално ги растури.

Последна жртва е Шкупи кој вторпат сезонава прими повеќе од 100 поени од Блокотехна. Првиот меч заврши 115:83, а овој од 14. коло – 103:88. За составот на Марјан Илиевски тоа е седма победа по ред во сите натпреварувања и 12. во последните 13 натпревари воопшто.

Дека тоа ќе биде уште еден ефикасен меч на Блокотехна навести првата четвртина во која домаќините постигнаа 33 поени, а примија 17. Но, и покрај поразот Шкупи одигра солиден натпревар, особено во фазата на нападот. Чаирчани вратија во вториот период и се доближија на 43:49 за во 25. минута да се дојдат и до 57:60.

Но, Блокотехна не дозволи изненадување, повторно брзо се одвои и до крајот на натпреварот ја држеше двоцифрената предност.

Одличната форма на гевгеличани е добра најава за големото дерби против МЗТ Скопје во претстојното коло. Во првиот дуел со шампионот оваа сезона Блокотехна славеше во Аеродром, но тоа не значи дека има загарантирана победа во реваншот на домашен терен.