ПОЧЕТНА Избор на уредникот Мекиќ и МЗТ мора да најдат начин, почесто да играат заедно!

Мекиќ и МЗТ мора да најдат начин, почесто да играат заедно!

сподели

Македонија нема многу кошаркари. Барем не во моментов. Од оние кои што може да се издвојат и за кои што може да се надеваме дека некогаш ќе имаат клучна улога во нашата А репрезентација, сигурно е Адем Мекиќ, последниот од „сениорите“ кои што за нас се уште се млади.

Мекиќ е Мохиканецот од генерацијата што е на крстопат, дали да продолжи да игра во МЗТ Скопје или да си замине во потрага по, фигуративно кажано, ветеното и предодреденото за играчите со негови предиспозиции. Има МЗТ Скопје и помлади играчи, но за нив ќе зборуваме во некоја друга прилика.

Адем Мекиќ – втор од лево на загревањето против Партизан.

Мекиќ е роден 95-та, има неполни 22 години, а се уште не добил вистинска шанса. Тоа не зависи само од тренерот, зависи и од политиката на клубот и од заложбата на играчот. Тоа е системот на Светото Тројство, кој што мора да функционира беспрекорно за успех во кошарката, како и во секој друг спорт.

Аплицирајте веднаш за

Во минативе три години, колку што игра за МЗТ Скопје, откако дојде од КК Вардар во Аеродром, нашиот (сега веќе) репрезентативец немаше ниту соодветна минутажа, ниту пак уживаше доверба кај тренерите што се изредија на клупата на македонскиот шампион. А тренира(ше) како секој тренинг да му е последен.

Адем Мекиќ – со број 6.

Не навлегуваме во причините зошто е тоа така, туку велиме дека Мекиќ мора да игра повеќе. Не е можно човек од 22 години, физички зрел и за најголемите напори во спортот, со 195 сантиметри, кој што може да игра и на плејмејкерската позиција и на уште две најмалку, да не игра кошарка.

Едноставно не е можно да не се најде соодветно место или соодветна минутажа, со што овој потенцијал ќе се претвори во носител на играта, прво во клубот, а потоа и во репрезентацијата на Македонија.

На натпреварот со Партизан, Адем Мекиќ доби од Александар Тодоров скоро 17 минути, што е за поздравување. Тоа е еднакво, ќе се изразиме паушално и симболично, на збирот на сите минути што Мекиќ ги одигра претходните три сезони во АБА лигата.

Иако служеше за одмор на останатите, во ротацијата што некогаш е позитивна затоа што повеќе играчи играат, но може да биде и негативна за играчите кои што служат само како епизодисти, сепак Мекиќ помина на паркетот скоро едно цело полувреме.

Споредете го Мекиќ со Ерик Гарсија, кој што доаѓа од НЦАА лигата. Американецот е роден 1994-та година, има 183 сантиметри, а веќе е НБА играч во споредба со нашите плејмејкери и бекови и „комбо гард-ови“.

Мекиќ имаше само два упатени непрецизни шута за три поени, имаше 3 дефанзивни скока, 2 украдени топки и ниту една загубена, што суво гледано, низ бројки, е добра статистика. Од ударите кон кошот, се гледа неговата (моментална) несигурност, што е резултат на минијатурната минутажа во минатото. Бек, а нема ниту едно слободно, што значи дека „не го виде кошот“ на мечот со црно-белите. А игра кошарка!

Американецот Ерик Гарсија – со број 3.

Гарсија постигна 17 поени, имаше 9 асистенции, што е за една помалку од најдобриот додавач во АБА лигата по првата рунда и во првиот компетитивен меч вон американското тло го сечеше рекетот на противникот како да игра во Европа цела вечност, шутот за два му беше неверојатни 78% (9/7), играше скоро 35 минути.

Немаме право да бараме тоа да биде на сметка на другите во тимот, но Мекиќ и МЗТ Скопје мора да најдат солуција, играчот да поминува што повеќе минути на паркетот, а клубот да има бенефит од тоа. Можеби правилото двајца Македонци на теренот во секое време, во домашниот шампионат, ќе придонесе за созревање на Мекиќ.

Испуштивме центар од истата генерација (1995) со 210 сантиметри, со идеални моторички способности и со подвижност каква што ретко се гледа на неговата позиција, што во последнава деценија е раритет во Европа. Испуштивме суров скапоцен камен кој што можеше да се избруси во дијамант, многу лесно и многу брзо. И така МЗТ Скопје не бркаше титула во АБА лигата минатите 5 сезони.

Љубомир Младеновски замина во Словенија, затоа што тука немаше соодветен третман, или не се најде јунак што ќе го скроти, или фраер што ќе го смени неговиот карактер. Тоа е улогата на тренерите, да креираат, да создаваат, од ништо да направат нешто. Лесно е „да командаш, ти то да радиш, а ти то да радиш“ и со скапи играчи да правиш резултат, а резултатите во споредба со вложеното никаде ги нема.

Нема поевтин производ, од домашниот. Нема повкусен производ, од својот. Нема подобра и полесна инвестиција, од заложбата за напредок на младите играчи.

Во формирањето на играчите, потребно и неопходно е да се применува рецептот „трпение во комбинација со напорна работа“.

Не можеме да си дозволиме да загубиме уште еден бисер. Не смееме да загубиме ниту еден бисер повеќе!