ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА МВП се сомнева дека Дино Баскет навреме ја платил и сумата за...

МВП се сомнева дека Дино Баскет навреме ја платил и сумата за организацијата на Ф4?

сподели
КФСМ

Кошаркарскиот клуб МВП Струмица е одлучен до крај да ја води постапката за неодамнешниот завршен турнир во лигата за кошаркари до 14 години.

Фајнал-форот во Кочани заврши со победа на екипата-организатор Дино Баскет, но подоцна беше утврдено дека двајца кошаркари од овој тим биле постари од дозволеното поради што претседателот на клубот е суспендиран на четири години, а фалсификуваните играчи на по две.

Но, покрај тоа, МВП Струмица се сомнева дека Дино Баскет не ја уплатил ниту сумата за организација на турнирот која изнесувала 150.500 денари, а која била достигната на лицитацијата во Кошаркарската федерација на Северна Македонија.

„Заслужуваме и ние и сите други клубови да ја знаеме целосната вистина за случајот. Дали навистина организаторот Дино Баскет ја платил целосната сума за организација во предвидениот рок или не?

Заедно лицитиравме и имаше обврска да ја плати целата сума следниот ден. Ако не бил подготвен да плати не ни требал да крева прашина. А ако навистина ја платил бараме да ни се достави доказ за истото, извод од сметка од 17.05.2019 година.

Во спротивно сметаме дека организаторот ја добил организацијата заобиколувајќи ги правилата, што само ја надополнува потребата и обврската за организирање на нова лицитација и нов Ф4 турнир со тимовите согласно новиот редослед на табелата, земајќи ги во предвид правните последици кои настапуваат со донесената Одлука на Федерацијата.

Време е конечно да ставиме стоп на сите девијантни појави од минатото, и заеднички да направиме нешто многу подобро. Децата и младинските школи треба да ни бидат приоритет, и истите треба да ги учиме на вистинските вредности. Победите и медалите се освојуваат на терен, а не на зелена маса.

Не смееме да дозволиме нови разочарувања и солзи во очите на нашите деца заради неправилни или неспортски одлуки. Нека се игра и најдобриот нека победи!“, изјави за basketball.mk, директорот на Кошаркарскиот клуб МВП Струмица, Сашо Масев.

Соопштение со слична содржина клубот испрати и до Кошаркарската федерација на Северна Македонија, односно до надлежните органи кои наскоро треба да излезат со официјален став по ова прашање.