ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА МВП на сезоната – ЧАВДАР КОСТОВ!

МВП на сезоната – ЧАВДАР КОСТОВ!

сподели

Работнички повторно е најдоминантен тим во македонското првенство иако тоа ќе мора да го потврди и во плеј-офот.

Основниот дел го заврши со 30 победи и два пораза, несовладан е на домашен терен и има шест триумфи повеќе од најблискиот следбеник – МЗТ Скопје. Многу причини за задоволство кај навивачите кои девет години чекаат титула во Градски парк.

Марин Докузовски создаде компактна целина, во Суперлигата додаде уште двајца извонредни играчи – Димитар Караџовски и Шон Еванс и сега, освен одлична стартна постава, има и подолга клупа што треба да се почувствува во плеј-офот.

Но, најконстантниот во цела сезона е бугарскиот репрезентативец Чавдар Костов, еден од најдобрите странци кои настапиле во македонскиот шампионат.

Статистиката на Костов во основниот дел од сезоната (извор: eurobasket.com, не е внесен третиот натпревар против МЗТ Скопје)

Тивкиот лидер на теренот, заедно со капитенот Димитар Мираковски, своите најдобри партии ги одигра на најтешките натпревари на својот тим.

Во првото коло против Куманово, кога Работнички имаше двоцифрена негатива, Костов постигна 30 поени и осум скока и уште тогаш ја најави одличната сезона.

МЗТ Скопје ќе треба да обрне особено внимание на него во случај на меѓусебен дуел во финалето од плеј-офот бидејќи крилниот играч блескаше на сите четири дуели против шампионот. На првиот оствари индекс 22, на вториот 43 (личен рекорд оваа сезона), на третиот 24, а на последниот 32.

Бугарскиот репрезентативец одигра 31 натпревар оваа сезона, не играше само на гостувањето кај Струмица. Просечно постигнуваше по 15,4 поени, 5,5 скока, 2,7 асистенции и 1,5 украдена топка, со 61,4% погодени удари за два, 39,4% за три и 90,7 за еден поен. По натпревар остваруваше индекс 19,2, доволно за признанието за најкорисен играч во овие 32 кола во изборот на basketball.mk.

Многу работи во разигрувањето на титулата ќе зависат од формата на Костов. Тоа добро го знае Докузовски, но и противниците на Работнички во плеј-офот.