ПОЧЕТНА Избор на уредникот Маркел Фулц vs Лонѕо Бол: Кој ќе биде новиот крал на драфтот?

Маркел Фулц vs Лонѕо Бол: Кој ќе биде новиот крал на драфтот?

сподели

Ноќва од 1:30 часот по полноќ во Бруклин ќе се одржи НБА драфтот за кој некои велат дека е најатрактивен од 2003 година.

Пред 14 години, во најсилната лига во светот влегоа дел од најголемите ѕвезди на денешнината како Леброн Џејмс (прв пик), Кармело Ентони (трет), Крис Бош (четврти), Двејн Вејд (петти), потоа Дејвид Вест, Кајл Корвер итн. Потфрли само Дарко Миличиќ кој беше избран од Детроит како втор пик, а мошне рано ја заврши играчката кариера проследена со еден куп скандали.

Годинава на драфтот ќе се појават многу интересни играчи за кого одамна се зборува дека можат да ги засенат сегашните големи ѕвезди на НБА. Пред се, тоа важи за Маркел Фулц и Лонѕо Бол кои се очекува да бидат избрани како прв и втор пик.

Аплицирајте веднаш за

Недели наназад предноста е на страната на Фулц кој најверојатно ќе биде избран како прв пик од Филаделфија 76. Тој има само 19 години и штотуку ја заврши првата година на колеџот Вашингтон. Игра на плејмејкерската позиција и, како што тврдат аналитичарите, ги има сите карактеристики да стане суперѕвезда во НБА: одличен асистент, поентер, има брз прв чекор и се очекува да го надополни талентираниот состав на Сиксерс каде се уште Џоел Ембид, Бен Симонс и Дарио Шариќ.

Една од мааните на Фулц е неискуството, односно фактот што одигра само една година во НЦАА и со Вашингтон оствари едвај девет победи. Оние што се на страната на Фулц потсетуваат дека Леброн Џејмс и Коби Брајант не одиграа ниедна сезона во НЦАА, туку влегоа во НБА директно од средното училиште. Понатаму, проблем може да биде неговото тежнеење да биде атрактивен во додавањата поради што губи многу топки на натпреварите.

Лонѕо Бол е иста генерација со Фулц, а својата единствена сезона во НЦАА ја помина на Универзитетот УЦЛА. Можеби немаше да биде толку експониран да не беше неговиот контроверзен татко Лавар Бол, поранешен професионалец во американскиот фудбал. Постариот Бол се “прослави” последната година со своите изјави на сметка на Леброн Џејмс, Мајкл Џордан, Расел Вестбрук итн.

Колку му помогна, толку и му одмогна на синот бидејќи Лонѕо не го доби заслужениот третман од медиумите и јавноста поради својот татко. Меѓу другото, Лавар постојано истакуваше дека Лонѕо ќе игра во Лејкерс и тоа може сега да се оствари затоа што тимот од Лос Анџелес го има изборот на вториот пик на драфтот.

И Лонѕо Бол игра на плејмејкерската позиција, негови најдобри карактеристики се додавањата со две раце и прегледот на играта што и не му е многу тешко ако се знае дека е висок речиси два метри. Некои аналитичари ја потенцираат чудната механика на неговиот шут, но други велат дека таа му е предност. Ако нема изненадувања, треба да заврши во Лејкерс, но можно е тимот од Лос Анџелес веднаш да го проследи во друг тим.