ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА МАМУЗИЌ: Реткост е во Македонија млад играч како мене да има толкава...

МАМУЗИЌ: Реткост е во Македонија млад играч како мене да има толкава минутажа

сподели

Кожув е во долниот дел од табелата во Првата македонската кошаркарска лига, но раководството на клубот и тренерот Павле Николов заслужуваат честитки за политиката кон младите кошаркари.

Непосредно по почетокот на новата сезона на позајмица од МЗТ Скопје дојде 19-годишниот Ранко Мамузиќ и им се приклучи на уште неколку тинејџери кои шансата за докажување ја бараат во гевгелискиот клуб.

Мамузиќ е младински репрезентативец на Македонија, има одлични предизпозиции (203 см) и со добра работа може во иднина да биде еден од носителите на играта во националниот тим.

Радува тоа што Мамузиќ просечно добива речиси 20 минути по натпревар и се труди максимално да ги искористи.

„Јас сум еден од најмладите во тимот, тука сум на позајмица од МЗТ Скопје, но задоволен сум од односот кон мене, минутажата што ми ја дава тренерот Павле Николов и целокупната ситуација во клубот.

Играњето во Кожув за мене претставува огромно искуство и шанса што не смеам да ја пропуштам.

Реткост е во македонското првенство млади кошаркари како мене да имаат толкава доверба од тренерот за што само можам да му се заблагодарам на Николов”, изјави Мамузиќ за basketball.mk.

Михајло Митев и Мамузиќ кога (јули, 2017) потпишаа за МЗТ Скопје Аеродром (фото: mztskopjeaerodrom.mk)

На натпреварот против Работнички, крилниот играч на теренот помина речиси 27 минути. Кожув одигра одличен натпревар иако потклекна во финишот и доживеа (очекуван) пораз.

„Свесни бевме дека Работнички е фаворит за победата и дека веројатно ќе ги освои бодовите од овој натпревар. Но, сакавме да го извадиме максимумот од нас, знаевме дека немаме што да загубиме, а можеме многу да добиеме.

Се држевме добро едно полувреме и можеме да бидеме задоволни од прикажаната игра во Градски парк”, додава Мамузиќ.