ПОЧЕТНА Куп на РМ Мак-класико во финалето од Купот

Мак-класико во финалето од Купот

сподели
фото: mkf.mk

По седум години пауза, најуспешните клубови во македонската кошарка повторно ќе играат за трофејот во Купот. МЗТ Скопје ја совлада Блокотехна со 89:78 и ќе се соочи со Работнички во обид да го достигне по бројот на трофеи во ова натпреварување.

Воедно, актуелниот шампион ја прекина лошата серија во дуелите со Блокотехна сезонава од која ги загуби двата првенствени дуела. Ова беше прв триумф за МЗТ Скопје во дерби натпревар оваа сезона бидејќи претходно доживеа порази и од Работнички и Карпош Соколи кога оваа екипа уште беше силна.

Блокотехна ги имаше сите услови повторно да дојде до голема победа. Одлично почна, во петтата минута водеше со 15:10, а на крајот од првата четвртина првпат и со двоцифрена предност – 29:19.

Аплицирајте веднаш за

Со одлична игра продолжи и во вториот период, па во 14. минута ги достигна највисоките +12 (38:26). И тука дојде моментот на пресврт. Жељко Лукајиќ побара тајм-аут, а по враќањето на теренот неговите кошаркари направија серија од 15:0 преземајќи го водството од противникот.

Во таа серија блескаше Бојан Трајковски кој постигна осум од 15. поени на МЗТ Скопје.

Блокотехна се држеше и во третата четвртина, но јасно беше дека шампионот го има психолошкиот момент на своја страна. Иако разликата се движеше меѓу три и седум поени, МЗТ Скопје не му дозволи на противникот да се надева на пресврт.

Најблиску Блокотехна дојде на четири минути пред крајот кога по кошот на Казарновски се доближи на само -2 (73:75). Конечниот удар го зададе Крофорд кој до крајот постигна девет поени за победа на МЗТ Скопје и пласман во финалето.

Токму тој има најголема заслуга за триумфот на неговиот тим. Натпреварот го заврши со 32 поени, четири скока, пет асистенции и четири украдени топки за вкупен индекс 36, еден од највисоките на завршниот турнир. МЗТ Скопје ја доби битката под кошевите и оствари дури 16 скока повеќе од противникот.

Блокотехна ги имаше Данило Мијатовиќ и Двејн Бенџамин, но дебитантот во елитната конкуренција и на завршните турнири од Купот ќе мора да ја чека идната сезона за да се бори за трофејот во ова натпреварување.