Својот следен натпревар во претквалификациите за Европското првенство во 2021 година, македонската репрезентација ќе го игра во најјужниот град во државата.
Претставници на Федерацијата веќе се договориле со гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков и се задоволни од она што го нуди пограничното место. На играње во Гевгелија инсистирал и селекторот Јорданчо Давитков.

И ФИБА во текот на денот на својата интернет страница објави дека натпреварот меѓу Македонија и Косово ќе се игра на 2 декември во салата „26 април“, а информацијата подоцна ја потврдија и од Кошаркарскиот клуб Кожув.
„Решено е, многу ни е мило што сениорската репрезентација ќе биде домаќин во нашиот град.

Тоа е добро за кошарката во Гевгелија и за целиот јужен регион од земјава. Ќе се потрудиме да бидеме одлични домаќини“, изјави за basketball.mk, претседателот на Кожув, Ѓорѓи Гетов.

Со оглед на ентузијазмот, кошаркарската традиција и љубовта кон овој спорт, гевгеличани заслужуваат во живо да ја проследат македонската репрезентација која последните две години играше само во Скопје. Меѓу другото, Гевгелија е единствениот град во Македонија, покрај главниот, кој има повеќе од една екипа во Првата лига.
Последен пат нашиот национален тим играше надвор од престолнината на 14 септември 2016 година во квалификациите за Евробаскетот 2017. Противник ни беше Велика Британија која во Кавадарци славеше со 89:62.