ПОЧЕТНА Избор на уредникот Македонец во друштво на НБА ѕвездите!

Македонец во друштво на НБА ѕвездите!

сподели
Големо е задоволство да се дели теренот со ѕвездите од НБА - Ефтим Богоев, прв во предниот ред

Мал е бројот на македонски кошаркарски тренери, кои што работеле или работат во странство. Во САД веројатно нема, освен Ефтим Богоев кој пред неколку месеци ја заврши играчката кариера и веднаш почна тренерска.

Струмичанецот работи во приватна кошаркарска академија која што, меѓу другото, е поврзана со НБА франшизата Атланта Хоукс.

Основачот на Академијата, Џеремаја Босвел (во средина) со нашиот Ефтом Богоев (лево)

„Тренер сум во кошаркарската академија ТСФ или “The skill factory”, најдобра во Џорџија и меѓу првите 10 во САД.

Базата ни е во Атланта, академијата постои веќе шест години, а основачи се Џош Бур и Џеремаја Босвел. Овој вториот и е познат на македонската кошаркарска јавност, бидејќи дел од играчката кариера помина во Македонија во екипите на Струмица и Торус.

Што е целта на Аадемијата?

Работиме на идивидуални тренинзи за кошаркари од сите категории, вклучувајќи НБА и про играчи, организираме кампови за деца, правиме „трајаути“ за многу екипи од Европа и Азија, имаме склучено партнерски договор со Атланта Хокс, поради што многу кошаркари од тимот преку лето доаѓаат и тренираат кај нас.

Низ академијата поминаа многу играчи, на еден или друг начин – Ефтим Богоев со НБА ѕвезда Мајк Скот

За сериозноста на Академијата најдобар доказ се НБА играчите со кои што сме работеле досега: Џејмс Харден, Џо Џонсон, Кемба Вокер, Двајт Хауард, Пол Милсап, Џеред Џек, Шелвин Мек, Денис Шроудер итн.“, информира Богоев.

Аплицирајте веднаш за

Со оглед на тоа што таму е половина година, Богоев полека отвора врски за македонски кошаркари, кои што би се приклучиле на Академијата.

„Во моментов имаме само еден Македонец, Димитар Пандев, но би сакале во иднина да го зголемиме бројот.

Јас интензивно работам на тоа и се надевам дека ќе успееме во намерата. За нашите кошаркари имаме посебна програма, односно Пост Град екипа која постои веќе две години.

Комплетниот стручен штаб и играчите во Академијата (на списокот го нема Пандев бидејќи тој неодамна се приклучи на ТСФ)

Пост Град постои за кошаркари кои завршуваат средно образование и не успеваат да добијат стипендии за колеџ. Тие доаѓаат кај нас, живеат тука цела година, тренираат по пет часа на ден, имаат обезбедено сместување, храна и опрема и плус играат натпревари со колеџ екипи и други Пост Град тимови на кои присуствуваат колеџ тренери.

На тој начин, шансите играчите да добијат стипендии, се поголеми. Една година во нашата Академија чини 15 илјади долари, но речиси нема кошаркар кој што не успеал да се избори за колеџ-стипендија. За споредба, една година на колеџ чини околу 50 илјади долари.

Во Академијата тренираат 16 кошаркари од Африка, САД, Словенија, Бразил, Кина и нашиот Пандев, кој е веќе на радарот на неколку колеџ екипи.

Оваа година потпишавме договор и со најдоброто средно училиште, па ќе можат да доаѓаат и помлади кошаркари. Освен тоа, имаме договор и со јуниорската НБА и со Најк.

Работата во САД нуди можност за дружење со многу ѕвезди, па и со првиот пик на НБА драфтот од 2011 година Кемба Вокер

Јас сум помошник во Пост Град екипата, а од идната сезона можеби ќе станам прв тренер бидејќи планираме да отвориме уште неколку екипи.

Минатата недела Академијата ТСФ организираше т.н. „Madness“, дојдоа најдобрите средношколци тука и играа Ол-стар натпревар. Јас бев тренер на едната екипа“, додава 36-годишниот тренер.

Богоев имаше можност директно да ја почувствува атмосферата на еден натпревар од НБА лигата и тоа не од трибини, туку на теренот.

„Како што кажав, имаме соработка со Атланта Хоукс и сите бевме поканети на дуелот меѓу Атланта и Денвер во рамките на НБА лигата.

За време на интонирањето на химната стоевме на теренот, заедно со кошаркарите и тоа е чувство што не може да се опише“, заврши струмичанецот во интервјуто за basketball.mk.

Детските денови поминати заедно не се забораваат – Богоев со Владо Илиевски

Ефтим Богоев не е непознато лице во македонската кошарка. Напротив, тој е поранешен младински и сениорски репрезентативец на Македонија, производ на познатата школа на Неметали Огражден, во генерацијата со Владо Илиевски и e еден од најуспешните и најтрофејни домашни кошаркари.

Играчката кариера ја заврши со седум трофеи, тренерската допрва почнува

Во својата играчка кариера, освен за Неметали Огражден, играше за Поло Трејд (подоцна Струмица), Амак СП, Фени Индустри, Работнички, МЗТ Скопје и Кожув, две години настапуваше и во Грција во редовите на КАО Драма и Ретимно од Крит и краток период во црногорскиот тим Сутјеска.

Во својата колекција има три шампионски титули од македонското првенство освоени со Струмица, Фени Индустри и МЗТ Скопје и четири Купа на Македонија со Амак СП, Фени Индустри, Работнички и МЗТ Скопје.

На два финални натпревара во Купот на РМ, Ефтим Богоев беше прогласен за најкорисен играч (МВП).