ПОЧЕТНА Куп на РМ ЛУКАЈИЌ: Не се занимавам со Работнички, но и не се радувам на...

ЛУКАЈИЌ: Не се занимавам со Работнички, но и не се радувам на туѓата несреќа

сподели
фото: mkd.mk

Тренерот на МЗТ Скопје се израдува на првата голема победа откако го презеде македонскиот шампион.

Неговиот тим лошо почна против Блокотехна, но една серија од 15:0 во втората четвртина ги сврте работите и го однесе кон победата.

Во финалето од Купот, МЗТ Скопје ќе игра против „вечниот“ ривал Работнички кој најверојатно ќе биде ослабен со неиграњето на Маркус Гинјард.

„Секогаш е психолошки тешко да се победи по првпат. Блокотехна не совлада два пати заслужено, имаат добра енергија и знаат да играат. Од почеток се заедно, што не беше случај со нас.

Направивме добра работа, дојдовме до победа која сигурно ќе ни ја крене самодовербата и ќе ни даде до знаење дека вредиме. Игравме паметно и ги напаѓавме каде што се најслаби, а успеавме да покриеме каде што имавме многу проблеми, односно во „пик ен поп“. Одигравме меч достоен за Купот, сигурно имаа што да видат луѓето од овој меч.

Од сега, за нас овој меч не е важен, туку размислуваме за утрешниот ден.  Ги спречивме нивните продори на предната линија каде секогаш создаваа екстра-пас. Тоа го сопревме, ги оддалечивме од кошот, а ние добивавме длабочина да напаѓаме под обрачите со транзиција и да им даваме топки на Трајковски и Лалиќ.

Што се однесува до Крофорд, тоа е играч кој доаѓа од САД и знае НБА-правила. Јас барам дисциплина во нападот, а имавме конфузија. Крафорд се сконцентрира да ги исполни моите задачи, но заборави на индивидуалните работи. Во вториот дел се промени и се си дојде на своето место.

Не бев тука кога МЗТ загуби од Работнички, но секој пораз од големиот ривал, тим со голема традиција, боли. Такви работи носи спортот, но мора да преболиме се. Од утре почнуваме од нула и нам и нив им е важен трофејот. Ќе се обидеме да анализираме и да дојдеме до посакуван триумф. Се надевам дека сите ќе дојдат и заедно ќе уживаме во еден одличен кошаркарски меч.

Пред почетокот ми кажаа дека е Гинјард повреден. Лошо е да се радуваш на туѓата несреќа, јас не се фокусирам на противниците. Сигурно за нив е голем хендикеп, но јас се подготвувам и нашиот тим го подготвувам како да е тој тука“, рече Лукајиќ по натпреварот против Блокотехна.