ПОЧЕТНА Избор на уредникот ЛЕКТИРА ЗА СИТЕ: Колку се слични, а колку различни, Докузовски и Тодоров...

ЛЕКТИРА ЗА СИТЕ: Колку се слични, а колку различни, Докузовски и Тодоров и нивните екипи

сподели

Едниот тренер на Работнички, другиот тренер на МЗТ Скопје. Пред нивното прво соочување сезонава, во Аеродром, ќе се обидеме да ја илустрираме фактичката ситуација во двата табора. Во насловот почнавме со тренерите, затоа што тие се идејните творци на овие два ростера што ќе се судрат гради в гради во првиот меѓусебен дуел, сезонава.

Марин Докузовски и Александар Тодоров се стратези со различни искуства и кариери, со различни стратегии, со различни погледи на кошарката и во моментов се на двата краја на стапот, наречен македонска кошарка.

Велиме стап затоа што денес, да си кошаркар, тренер, функционер или симпатизер во, околу и на кошарката во Македонија, повеќе БОЛИ отколку што ГОДИ. Македонската кошарка е во криза, како кривата кула во Пиза. Но, тоа е тема за друга опсервација, ќе ја разработиме кој крајот на годинава.

Аплицирајте веднаш за

Сега ќе се осврнеме на убавите мали нешта, кои што го прават животот комплетен.

Работнички гостува во „Јане Сандански“ со перфектен скор во нашата лига, има 7 победи во 7 натпревари. МЗТ Скопје има 5 победи и 2 пораза, од Соколи и од Блокотехна, двата на домашен терен.

Центарци може да си дозволат пораз, кој што нема скоро ништо да смени на табелата, додека аеродромци едноставно не смеат уште еднаш да киксираат пред своја публика.

Навивачите на домаќинот ќе ги нема, официјално, но се очекува трибините да бидат полни. Од друга страна, најверните на гостинот, со спектакуларна бакљада ги испратија милениците неколку километри на исток.

Кога сме кај публиката, две прашања се нејасни – зошто групата Фемили по „долгогодишното“ бојкотирање не реши да се врати на трибината против Работнички, туку против Морнар неколку дена подоцна и дали групата Сити Парк Бојс ќе дојде во голем број, како што тоа беше случај минативе неколку сезони, односно во поголем број затоа што ова може да биде сезона на нова градска романтика?

Тодоров располага со полна клупа, секое име што е во записникот кај МЗТ Скопје Аеродром е квалитетно и може да игра на највисоко ниво, полни 40 минути. Селекцијата е направена внимателно, за наши услови одлична и кандидат за највисоки дострели во нашите натпреварувања.

Проблем за македонскиот шампион, е неуиграноста, екипата беше склопена многу доцна (од икс причини), што се манифестира со 6 порази во низа во АБА лигата. Токму гостувањето на најголемиот противник, може да биде инспирација за надминување на кризата.

Тука Докузовски има предност, затоа што неговите кошаркари, со мали исклучоци, се заедно од стартот на сезоната. А тие мали исклучоци (читај Кире Николовски, ако има свој офанзивен ден) може да бидат и клучот во првото вечно дерби.

МЗТ Скопје тренира во европски, пардон, СВЕТСКИ услови. Има сала и ресурси какви што нема ниту една друга екипа во Македонија, а треба да ги имаат сите, ако сакаме модерна и квалитетна кошарка.

Работнички се уште е заглавен во малиот храм, култниот „Градски парк“, но тоа не им пречи на поискусните играчи во редовите на најтрофејната екипа. Може да биде проблем за помладите (читај Виктор Ефремовски), од кои што многу се очекува на ова прво дерби сезонава.

Александар Тодоров има 6 (екс или сегашни) репрезентативци на Македонија, еден на Хрватска, еден на Црна Гора и еден на Бугарија. Нашите играа во претквалификациите за ЕП и СП, освен Симоновски кој што беше повреден. Од странците играа Мавра (ХРВ) и Павличевиќ (ЦГ), Минчев беше повреден (БГ).

Но, и другите странски играчи на шампионот, Лалиќ, Спасојевиќ и Мајсторовиќ се со одлично искуство за вакви тврди, класични балкански натпревари во кои што ретко има многу поени. Ќе пресуди одбраната, тоа е јасно.

Згуснатиот распоред може да биде предност за Работнички, екипа што во своите редови има пет имиња со солидно репрезентативно искуство, а тоа се Николовски и Крстевски кои што играа за нашата селекција годинава, Чековски и Мираковски од кои што едниот играше летово, а другиот не играше и Костов, кој што настапи за Бугарија во квалификациите за СП.

Од друга страна, слабите натпревари што ги игра Работнички, во споредба со лутиот ривал, може да бидат и проблем, затоа што противничките кошаркари се во полн ритам на стартот на сезоната и имаа(т) многу и квалитетни натпревари, во АБА лигата и со националните селекции.

Составот на Тодоров сезонава игра повеќе офанзивно, тоа се гледа и според резултатите, но и според одбраните играчи. Нема класичен дефанзивец, кој што отскокнува, освен можеби Игор Пенов. Или немаше, до доаѓањето на Дарко Соколов, кој што последен влезе во шампионскиот мозаик. Ако Пенов пружа (само) во одбраната, Соколов дава на двата краја од теренот.

Кај Докузовски нема лабаво, кој не игра одбрана, ќе си седи не на клупа, туку дома. Не мора ни да доаѓа на натпревар. Цврстата рака на најтрофејниот македонски тренер едноставно не дозволува, неговите да примаат многу или лесни поени.

rezultati.com

Статистиката кај двете екипи, во поглед на поените, може да создаде погрешна слика. Не очекувајте дека Работнички вртоглаво ќе тргне по спектакуларна победа кај МЗТ Скопје. Ако ги прашате играчите и стручниот штаб на најтрофејната наша екипа, ќе се задоволат и со 1 предност, само да е победа.

Во досегашниот дел на сезоната само Пелистер, Кожув, Струмица и МЗТ Скопје, имаат постигнато помалку поени од Работнички. Но, црвено-белите примија најмалку од сите, по првите 7 меча. МЗТ е трета екипа со најдобра одбрана, според бројот на примените поени, по Работнички и Блокотехна.

МЗТ Скопје има скромни 4 победи на последните 10 меча, од македонскиот и регионалниот шампионат, одиграни на домашен терен. Работнички има само една победа на последните девет меча, одиграни во Аеродром. Најтрофејниот има само 3 победи на последните 10 средби, вкупно, против актуелниот и шесткратен владетел.

МЗТ е поделен на два фронта, а со турбуленциите во ростерот и со непостојаната форма се уште не може да го даде најдоброто од себе. На домашната сцена тренира и победува, но со противниците што не се од највисокиот ранг (Соколи, кои што веќе не се квалитетен тим и најпријатното изненадување, Блокотехна), додека на регионалната сцена губи во серија, по триумфите кај Игокеа и против Паризан.

Откако заврши со настапите во ФИБА Европа Купот, со двата елиминациски квалификациски пораза од руската екипа Парма, Работнички во Македонија не знае за пораз. Можеби и свесно беше жртвувана меѓународната сцена, со цел да се направи конкурентен (уигран и одморен) тим за домашните натпреварувања.

Работнички ги има Станко, Мите, Чавдар, Гинјард и Кире, кои што во моментов се најдоброто од Центар за најдоброто од Аеродром, каде што орото го водат Бојан, Дамјан, Марко, сега и Дарко, Павличевиќ и Мавра.

Вечното дерби ќе се игра на 6-ти декември, во 17:45 часот, со пренос на МТВ и со хуманитарен карактер, за помош на некогашната кошаркарска легенда во Македонија, Гешо.

Ако воопшто нешто знаете за кошарката и ако барем малку ја сакате кошарката, ова е еден од оние натпревари, што не сакате да ги пропуштите…