ПОЧЕТНА Избор на уредникот Кумовите на лажната возбуда

Кумовите на лажната возбуда

сподели

Да бидеш судија, е привилегија. Да бидеш арбитар, е чест. Да си оној кој што го има последниот збор за нешто, е предизвик.

Во македонската кошарка, ништо од ова не важи. Нашите луѓе во црно, одамна самите си ја зацрнија професијата, или, како што е сфатено судењето кај нас, рекреацијата за дополнителен приход.

Аплицирајте веднаш за

Не можат да разберат дека кошарката не се игра за нив, туку тие се сервис на кошарката. Не можат, и тоа ти е бре брате.

И колку повеќе ги караш, тие толку повеќе се хранат со пцовките и со плуканиците (ШТО НИКАКО НЕ СМЕЕ ДА СЕ СЛУЧУВА И МОРА ДА СЕ ИСКОРЕНИ ОД НАШИТЕ САЛИ) од трибините. И не ги празнат салите кога ќе се случи тоа. Тоа за нив е ментално полнење на батериите. Тие се главни и крај!

Редовно, македонските судии се на удар. Постојано, кога доаѓа времето на големите натпревари во македонската кошарка, тие се во центарот на вниманието. Минатата сезона турската тројка им покажа како се дели правдата на еден натпревар.

Дојдоа просечни, а можеби и потпросечни судии од Турција, си отсудија најнормално во мајсторката за титулата, во салата беше МУКЛА од сите страни, си заминаа Турците како господа. Лекцијата, не е научена.

Инспирацијата за претходниве и за следните редови доаѓа од последната одлука на судиската тројка на мечот МЗТ Скопје Аеродром – Карпош Соколи, кој што заврши со победа на гостите.

Нема да го коментираме судењето во текот на натпреварот, затоа што дали имало чекори или фаул во напад од Лалиќ, или имало фаул над него, односно дали имало лична грешка над Соколов, или тој фаулирал додека туркал за позиција, тоа се одлуки за кои што секогаш се наоѓа оправдување зошто биле или не биле досудени.

Тоа е дискреционо право на судијата. Тоа е кошарка и тука нема ништо нејасно. Имињата на играчите во ситуацииве се споменати случајно.

Генерално земено, судиската тројка скоро културно си ја одработе задачата. Немаше спорни одлуки. Или ги немаше многу, што можеа да влијаат на конечниот резултат и да го насочат во кој било правец, што не е во согласност со идеите на спортот. Оставете ги екипите нека се истепаат за победата, во спортски дух, се разбира.

Ќе се осврнеме на тој последен напад на МЗТ Скопје.

Домашниот кошаркар Дамјан Стојановски ја доби топката, имаше лична грешка од гостинскиот кошаркар Дарко Соколов. Екипата на Карпош Соколи беше во бонус.

Со личната беше сопрен нападот на домаќинот во ситуација кога истекуваше времето за игра, а гостите имаа три позитива. Крај на времето. Одличен фаул од Соколов. Две слободни за Стојановски. Крај на приказната. НЕМАШЕ НИШТО СПОРНО!!!

И тогаш, кога Кире ќе изеде една банана… Не… И тогаш, кога на сите присутни во салата им беше јасно што се случи и како ќе заврши натпреварот, одненадеш се роди највозбудливото нешто, што ја засени целата природна возбуда што ја донесе овој натпревар.

Судиите СЕ МИСЛЕА дали фаулот бил во обид за три поени.

Прво се загубија во просторот и времето, а потоа сите тројца се собраа и долго во ноќта размислуваа што да се пресуди во најтешкиот момент во нивните кариери. Па добро, дали сте Вие присутни, тука, на Земјата???

Не само што покажавте дека немате осет за кошарка, туку од најобична лична грешка направивте атмосфера во салата, ги разбудивте духовите на трибините.

Играат во моментов двете најдобри македонски екипи, кои што најверојатно, ако остане ваквата ситуација во нашата кошарка, ќе се соочат во финалето и уште отсега се борат за предност во финалната серија.

Се решава титулата, јасно Ви е или не, арбитри? Луѓе вложуваат пари и време и емоции да направат клуб, да тренираат, да играат, да се надигруваат, да освојуваат пехари, да се радуваат, па и да тагуваат затоа што знаат дека и тоа е составен дел од спортот…

А не да бидат нечија жртва!

Нормално е публиката да реагира кога ќе види дека се двоумите. Нормално е да досудите фаул за три поени кога има обид кон кошот на противникот.

Нормално е да го досудите она што се случило, без обид да оштетите некого или на друг да му подарите нешто. Нормално е!

Но, нормално е и да досудите фаул и веднаш да пристапите кон записничката маса, да демонстрирате што се случило и да си ја довршите работата без поливање бензин во оганот.

Тоа се вика доследност, тоа се вика квалитет, тоа се вика АВТОРИТЕТ. Но, што знаете Вие за тоа…