ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Куманово најмногу го намачи Работнички

Куманово најмногу го намачи Работнички

сподели

И во вториот меѓусебен натпревар оваа сезона, Куманово сериозно го измачи апсолутниот лидер во македонското кошаркарско првенство, Работнички.

Во октомври на домашен терен падна дури по продолженија, а во „Градски парк“ се бореше до последниот напад и загуби со 77:81.

Работнички ги имаше сите услови да слави убедлива победа, двоцифрена предност во второто полувреме и далеку поголем избор во ростерот.

Но, Куманово многу пати покажа дека не се предава лесно, иако на крајот мораше да го признае првиот пораз по серијата од пет победи.

Карактеристично е тоа што ниеден тим што досега гостувал во Градски парк не си заминал со помал пораз од овој на Куманово, сезонава.

Првото полувреме мина во израмнета игра, најголемата предност изнесуваше осум разлика за (40:32) за Работнички, но и Куманово имаше свои моменти.

Својата сила лидерот ја демонстрира во третиот период. Во 22. минута првпат замина на двоцифрена разлика (51:41), нешто подоцна и на највисоките 60:46 и се очекуваше лесно да го приведе натпреварот кон крај.

Но, по една серија од 9:0 Куманово се доближи на 72:69, на 49 секунди пред крајот беше 79:77 со кошот на Гинјард, за Чековски да ги постигне последните поени и да стави точка во следниот напад.

Куманово не успеа да се врати со оглед на краткото време до крајот, бодовите останаа во Градски парк за 12-та победа во низа за единствената непоразена екипа во нашето првенство.

Натпреварот го одбележа слабиот шут за тројка на двете страни. Работнички шутираше 5/23, а Куманово 4/14. Марјан Јанески беше најефикасен со 23 поени и индекс 30.

На спротивна страна Гинјард постигна 19 поени, погоди кош во првиот од последните два напада за конечното „одлепување“ на домаќините, а по подолго време одличен натпревар одигра ветеранот Чековски кој за 16 минути реализира 17 поени.