ПОЧЕТНА Младински лиги КРСТЕВСКИ: Моравме да играме дрско во последниот напад

КРСТЕВСКИ: Моравме да играме дрско во последниот напад

сподели
фото: КФСМ

МЗТ Скопје е нов шампион во конкуренција на кошаркари до 18 години, по драматичната победа против Партизан Водно Санс во финалниот меч, остварена по продолжение.

Екипата која во својот состав има неколку кошаркари од првиот тим на вицешампионот, пред кои претстои блескава кошаркарска иднина, покажа карактер со кој не можат да се пофалат ни сениори.

Не може ни да биде поинаку кога покрај себе го има Горан Крстевски, тренерот што последните години е одговорен за талентите на МЗТ Скопје, а го води и Б-тимот кој се натпреварува во Втората лига. Искусниот стручњак имаше тешка работа да балансира со своите играчи кои последните десетина дена се натпреваруваа на четири фронта, но успеа да го извади најдоброто од нив на завршниот турнир, а особено на финалниот натпревар со Партизан Водно Санс.

„Целата подготовка пред финалето беше базирана на заморот кој го ‘стекнаа’ играчите бидејќи имавме нечовечки распоред. Она што го трениравме беше невозможно да го играме. Сакавме да настапиме со пресинг по цел терен, како и обично, но бевме принудени да бараме алтернативни решенија.

За да ги штедиме играчите, бидејќи не очекува реванш-полуфиналниот меч од плеј-офот за пласман во Првата лига против Ангели, моравме да се вратиме на нашата половина, на наши 6-7 метри и тука да играме одбрана ‘човек’, насочена пред се на противничкиот играч Давид Наумовски.

Повремено ни паѓаше концентрацијата и правевме грешки, но бевме убедени дека ако играчите го исполнат договореното, ќе победиме. И јас и стручниот штаб и децата веруваа во она што го замисливме и се договаравме дека ќе го одиграме: висок притисок на топка и неутрализирање на главниот шутер иако тој постигна два тешки коша во финишот.

Најдобар момент во последната четвртина беше нашиот офанзивен скок, елемент кој не не красеше многу во текот на сезоната, но од своето искуство знам дека борбеноста и истрајноста на крајот се исплатуваат. Имавме осум офанзивни скока повеќе од противникот и тоа е еден од факторите за нашата победа. Меѓу другото, тоа ни овозможи и да одмориме во нападот бидејќи добивавме на време кога веќе и нозете и мислите откажуваа.

Горд сум на себе и на моите тројца шутери: Исајлоски, Митевски и Димитровски. Последниот од нив го спаси натпреварот со мирната рака во финишот од последната четвртина кога погоди две слободни фрлања. Верував во нив, топката одеше најчесто во нивните раце, знаев дека тие ќе решат“, резимира популарниот Кичо.

Натпреварот го одбележаа пресвртите и осцилациите што е веројатно карактеристично за кошаркари на оваа возраст. Партизан Водно Санс имаше убедлива предност во првото полувреме, МЗТ Скопје водеше со девет разлика во последниот период, а повторно Партизан беше пред победа кога во продолжението поведе со +5.

Фото: КФСМ

Одлучи последниот напад на аеродромци по кој Исајлоски постигна тројка и му ја донесе победата на својот тим.

„На крајот, пред последниот напад немавме тајм-аут, требаше да импровизираме нешто, но кога играчот на Партизан Водно Санс тргна да шутира слободни фрлања им реков на моите кошаркари дека ако погоди, мораме да одиме на безобразен, дрзок шут бидејќи имаше неполни десетина секунди до крајот.

Трениравме ‘пик’н’рол’ ситуации, моравме да ги навлечеме противничките играчи и да останат двајца наши слободни на крилните позиции. Во такви ситуации има само две опции: полковник или покојник. За нас излезе поповолната“, додаде еден од најквалитетните и најискуни тренери на млади категории во земјава, со стаж од над 25 години и со преку 30 трофеи во својата колекција.