ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА КРСТЕВСКИ: Игра(в)ме многу натпревари во краток период, но финалето секогаш е посебен...

КРСТЕВСКИ: Игра(в)ме многу натпревари во краток период, но финалето секогаш е посебен предизвик

сподели

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром победи во вечното дерби со Работнички, ја потврди улогата на фаворит и се пласира во последниот натпревар во категоријата до 18 години, каде што ќе се решава за титулата.

Предводени од Горан Крстевски, асистентот во стручниот штаб на селекторот Јорданчо Давитков, младите штркови успеаја да се изборат за дуел со тимот што ги победи три пати сезонава, во меч што значи да се биде или не.

„Со Работнички, сезонава одигравме 4 натпревари и победивме на сите. На последниот натпревар, одигравме доволно за да победиме. Резултатот беше неизвесен, но квалитетот дојде до израз.

Играме полуфинале и во втората лига, се игра на два фронта и е мошне тешко да се задржи свежината кај играчите, кога две лиги течат паралелно. Ова ни беше 7-ми натпревар во 10 дена, што за овие млади момчиња е преголем физички и психички товар, но од друга страна не смееме да мислиме на тоа, туку на кошарката.

Со Партизан, го имаме спротивниот ефект, загубивме на сите три одиграни средби. Се работи за многу добро укомпониран тим, кој што долго време тренира и игра заедно. Тоа е екипа што игра брзо и има многу самодоверба.

Противникот во финалето е фаворит, ние ќе играме максимално и ќе се обидеме да парираме. Играме против екипата што беше прва во регуларниот дел од шампионатот, се надевам на борбен натпревар и нека победи подобриот.“

Натпреварот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Партизан Водно Санс, се игра од 21:00 часот, во салата Градски парк во Скопје.