ПОЧЕТНА НБА Кралот го растури својот поранешен тим

Кралот го растури својот поранешен тим

сподели

Времето во светот на кошарката минува брзо. Како вчера да беше, кога Леброн Џејмс, 25-годишниот НБА суперстар без шампионски прстен, одлучи да го напушти својот Кливленд и да се пресели на Флорида. Се останато е историја, на која добро се сеќаваат љубителите на најатрактивната кошаркарска лига. Осум години подоцна со осум настапи во големото финале, три шампионски прстени и две промени на тимот, Кралот се врати на Флорида, овојпат како 33-годишен член на најгламурозната НБА франшиза, Лејкерс.

Фановите на Мајами ја почувствуваа разликата, единствено во дресот на Леброн. Освен тоа, се останато беше идентично, тој беше истиот Леброн кој им донесе две шампионски титули. Разурнувачки забивања, нереални fadeaway кошеви, селективни и навремени тројки, жестока одбрана и мотивација за соиграчите. Сето тоа беше дело на величенствениот Џејмс, кој со 51 поен буквално ги разби “своите” Хит.

Аплицирајте веднаш за

Изведбата на Кралот беше магична, со која одново влезе во историјата, станувајќи петтиот играч на кој му успеало со три различни екипи да постигне најмалку 50 поени на еден натпревар, со што е рамо до рамо со великани како Вилт Чембрлен, Мозес Мелоун, Бернард Кинг и Џамал Крафорд.

Победата на ЛА Лејкерс од 97:113 над Мајами, е нивна петта на последните шест натпревари и по слабиот старт, Лејкерс полека се искачуваат кон врвот на Западот.

Минатата сезона, Орландо и Мемфис заедно имаа вкупно 35 победи, па затоа ретко кој очекуваше дека и сезонава овие две екипи ќе имаат позабележителен настап. Но, само еден месец од почетокот на сезоната двете екипи се наоѓаат на места кои водат во разигрувањето за титулата, односно комбинирано веќе остварија 19 победи (Мемфис 10, Орландо 9).

Гризлис забележаа уште една импресивна победа, над Минесота на гостински терен со резултат 87:100. Предводник беше Марк Гасол со 26 поени и 13 скока, го следеше Конли со 18 поени и 8 асистенции. Со оваа победа, Мемфис се искачи на второто место на Западот.

Назад на Флорида, овојпат кај залетаните Меџик, кои на крилјата на црногорскиот интернационалец Никола Вучевиќ, сезонава играат импресивно. Во победата од 131:117 над Њујорк Никс, Вучевиќ го предводеше својот тим со 28 поени, 10 скока и 9 асистенции. Кај поразените, одново најдобар беше Тим Хардавеј со 32 поена.

Дека Стеф Кари е прва ѕвезда и едноставно незаменлив кај шампионот Голден Стејт, и покрај перфектниот ростер полн со суперѕвезди со кои располагаат Вориорс, доволно говори податокот дека по неговата повреда тимот падна во голема резултатска криза.

За најновиот пораз на Дурент и соиграчите, се погрижи Сан Антонио со 104:92. Ова е трет пораз по ред, односно петти на последните 7 натпревари. Ламаркус Олдриџ ги предводеше Спарс со 24 поени и 18 скока, Дерозан постигна 20 поени, а Геј 19 поени. Кај Голден Стејт, најпрецизни беа Дурант со 26 поени и Томпсон со 25 поени.

Дејмијен Лилард, со 40 поени го предводеше Портланд до гостинска победа над Вашингтон со 109:119.