ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА КОЧОВ: Ни претстојат два тешки испита неделава

КОЧОВ: Ни претстојат два тешки испита неделава

сподели

За нешто повеќе од 40 дена, МЗТ Скопје веќе одигра 12 официјални натпревари во домашното првенство и АБА 2.

Темпо кое е тешко и за екипи од многу поквалитетни шампионати и со подолг ростер од она што го има македонскиот вицепрвак.

Но, следува големото дерби на македонската кошарка, а тогаш се се заборава. МЗТ Скопје го пречекува Работнички во првиот меѓусебен дуел по финалето од минатата сезона во кое триумфираше најтрофејниот колектив во нашата кошарка.

„Работнички е исклучително искусна и квалитетна екипа. Покрај квалитетот што го поседуваат сите играчи, мошне важна карактеристика е тоа што се работи за шутерски тим.

Аплицирајте веднаш за

Секој од нив може да погоди од далечина и очекувам тоа да биде нивно најсилно оружје на дербито.

За нас оваа недела претстојат два тешки натпревара. Првиот е овој против Работнички, потоа и против Динамик во АБА 2 в четврток. Без оглед на се, ќе дадеме се од себе да победиме во двата дуела“, изјави за basketball.mk, тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов.

Веројатно многу повеќе од згуснатиот распоред, на кошаркарите на МЗТ Скопје им прават напорните патувања бидејќи во АБА 2 се игра на места каде нема аеродром, па екипата оди со автобус. Така беше и на последното гостување до Вршац кој од Скопје е оддалечен околу 500 километри.

„Патувањата знаат да бидат напорни, но ние не планираме да бараме алиби во нив.

Напротив, ќе излеземе против Работнички и ќе дадеме се од себе за да бидеме подобриот тим и да ги освоиме бодовите“, додаде тренерот кој на 10-ти ноември го прослави својот 34. роденден.