ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА КОЧОВ: Беше прашање на време кога Самарџиски ќе „заигра“

КОЧОВ: Беше прашање на време кога Самарџиски ќе „заигра“

сподели

МЗТ Скопје ја прекина лошата серија во дуелите со Работнички и врати за поразот во првиот меѓусебен дуел оваа сезона, на домашен терен.

Победи со четири поени разлика и во случај на ист биланс на крајот од основниот дел од првенството, ќе ја има пол-позицијата пред Суперлигата.

Тренерот Ѓорѓи Кочов првпат го победи Работнички во Градски парк како шеф на стручниот штаб и тоа го направи во момент кога се соочи со повреди на неколку важни кошаркари (Маслинко и Младеновски не играа, Симоновски не е доволно заздравен), но и со замор во тимот предизвикан од напорниот распоред и тешкото гостување кај Сутјеска само три дена претходно.

„Мило ми е што се направи една ваква атмосфера и што се пројави толку голем интерес за ова дерби. Ова е голема работа за македонската кошарка бидејќи преку ривалитетот на МЗТ Скопје и Работнички може да се врати популарноста на домашното првенство.

Им честитам на моите кошаркари, беше навистина тешко да се игра во вакви услови. Можеби можевме порано да го решиме прашањето околу победникот, но во секој случај е добро што се одмаздивме за поразот на домашен терен.

Тешко е да се вклопат играчите, особено странските, постојано мора да се калкулира со тоа колку од нив се на теренот бидејќи само двајца смеат да играат. Мислам дека во Суперлигата екипата ќе изгледа подобро бидејќи ќе се вратат повредените кошаркари.

Мислам дека бевме подобри на овој натпревар, но повторно одлучуваше еден напад, една топка и малку недостасуваше Работнички да дојде до победата“, анализира Кочов.

Натпреварот го одбележаа Иве Иванов и особено Предраг Самарџиски кој заврши со 16 поени и 16 скока. Поранешниот репрезентативец доби и пофалби од својот тренер.

„Сите играчи знаат дека ако напорно работат, ќе добијат шанса на теренот. Самарџиски можеби играше под своето ниво откако дојде во МЗТ Скопје, но е голем професионалец, има работна етика и знае што треба да прави. Одлично го надополни отсуството на Младеновски, како единствен центар во тимот и тоа се покажа клучно за победата.

За мене беше само прашање на време кога ќе заигра и одлично е што тоа се случи токму во најголемото дерби во македонската кошарка. Од него очекувам уште подобри игра во продолжение од сезоната.

Но, Пеџа не е единствениот што одигра на ниво. Одбраната го реши победникот, особено она што го одигра Дамјан на Костов. Сите што влегоа го дадоа максимумот и заслужуваат честитки за тоа“, додаде тренерот на МЗТ Скопје.