ПОЧЕТНА А Репрезентација Конечно, македонските играчи се на цена!

Конечно, македонските играчи се на цена!

сподели

Македонската кошарка ќе биде македонизирана како никогаш досега, во поновата историја. Не дека има којзнае колку македонски играчи на располагање, не дека има којзнае колку пари за нивни плати, не дека има којзнае колку интерес за играње во нашите екипи.

Овие две констатации во претходните две реченици (македонизирање и којзнае) се нашата (сурова) реалност и би требало да ги прифатиме како такви, но и, ако сме нормални, од нив да поднаучиме нешто и да се обидеме да ги исправиме.

Аплицирајте веднаш за

Не смееме да дозволиме да се радуваме на (ре)македонизација на нашите клубови, туку тоа треба да е нормален тек во нивното постоење, а да се радуваме на трансфери на наши играчи во странски екипи, силни и респектабилни.

Не смееме во иднина да дозволиме да нема македонски играчи, да има дефицит на наши имиња, да нема младински екипи по големите клубови, да нема хиперпродукција на играчи во некогаш најпопуларниот спорт во Македонија.

Долго, долго пред ЕП во Литванија 2011, во Македонија се играше кошарка и имаше резултати, за какви што нашите клубови и играчи денес, може уште некое време, за жал, само да сонуваат…

Ова „некогаш најпопуларен“ од претходниот пасос, треба да го прифатиме со резерва, затоа што е доволна само една мала искра, повторно да распламне огнот што некогаш гореше по маалските баскет игралишта.

Но, тоа е друга тема, реалноста е дека кошарката во моментов не е најпопуларна во Македонија.

Не смееме да дозволиме да нема пари за наши играчи, затоа што во годините од минатата деценија, кога се градеше екипа за јадранската лига, односно екипи кои што не претставуваа на екс-Ју просторите, имаше пари за странци.

aba-liga.com

Рака на срце и секоја почит за секој инволвиран во тој процес на македонската јадранизација, но вистина е и дека од таа епизода во нашата кошарка немаме којзнае каков ќар. Немаме нов врвен играч, немаме забележителен тимски резултат, немаме генерално стабилна организациска структура на ниво на клубовите, што би ни ветиле светла иднина.

И ШТО Е НАЈБОЛНО – НЕМАМЕ РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА КОЈА ШТО МОЖЕ(ШЕ) ДА ГО ПРОДОЛЖИ КОНТИНУИТЕТОТ ШТО СИТЕ НИЕ ГО БАРАВМЕ И ГО ПОСАКУВАВМЕ ПО ФАМОЗНОТО ПОЛУФИНАЛЕ НА ЕВРОБАСКЕТОТ 2011-ТА ГОДИНА.

Дали некој некогаш си легнува и се буди со оваа помисла? Тешко. Да имаше и малку заинтересирана индивидуа, познавајќи како (телефонски и со моментална инспирација) течат поголемиот дел од работите кај нас, ќе се родеше и генерална национална стратегија, која што отсекогаш ни недостасувала во битните моменти.

Не смееме да дозволиме, со сета почит кон сите, репрезентации како Естонија и Косово да бидат нашето друштво. Тука мислиме пред се на историјата што ја имаме и традицијата што се негувала, без обид да навредиме некого.

Не смееме да дозволиме да нема интерес за настап во нашите екипи, освен кај оние што не нашле клуб, па остануваат или доаѓаат тука, колку да им се бројат континуитетот во кариерите и статистиката во сезоната.

Македонските екипи (Работнички и МЗТ Скопје) ги „тепале“ Партизан, Цибона, Југопластика, Звезда и другите југословенски екипи, па и европски, кога најголемиот број од денешните наши чинители на кошарката (играчи, тренери, гледачи, т.н. или вистински познавачи, управители и други) не биле родени!!!

Деновиве, македонскиот кошаркарски пазар е поактивен од сите претходни 15-тина години, заедно. Се бара Македонец повеќе, -ски и -ов се повторно во фокусот. Оние со најмногу трпение и со најдобра стратегија, клубови или играчи не е битно, ќе заработат најмногу, во пари или во ангажиран квалитет.

МКФ имаше полни раце работа додека се туркаше новото правило за тројца Македонци и 4-ца странци, но тука не смее да застане, затоа што проблемите се наталожувале со децении наназад.

Сега, мудро играат и Македончињата кои што минативе години беа запоставени. Почнаа да се ценат, прогледаа, бараат и сакаат да си ја наплатат вредноста, бараат и сакаат минутажа, што е најнормален процес во едно пазарно и демократски ориентирано општество.

Сето ова е предизвикано од новото правило за тројца македонски играчи на терен во секое време од еден меч, со најмногу 4 странски имиња во составот. Сега ќе се лимитира и бројот на дојденци само за гола и статистичка заработка, затоа што просторот за маневар е скратен и мора (или барем би требало) да се „вработуваат“ само проверени играчи.

Не е важно ниту кој го протурка, изгласа или донесе правилото “3 македонци и 4 странци“, тоа ќе го покаже историјата, која што ќе каже и дали овој потег вредел.

Битно е што ние и нашите, сме повторно во игра, кај нас.