ПОЧЕТНА Колумни Место да ни го вратите чаламот, ни нанесовте поголем срам

Место да ни го вратите чаламот, ни нанесовте поголем срам

сподели
Огњан Герасимовски (лево на фотографијата) е долгогодишен новинар и коментатор во Македонско радио, сега во пензија.

Со внимание ги следам настаните во кошарката и не можам да се начитам на се поголемата глупост во која што запаѓа.

Играчките резултати ни се познати, а луѓето што ја водат кошарката никако да сфатат дека проблемите во кои западна овој спорт не се решаваат во канцеларии, на вонредни или редовни Собранија.

Со години наназад бараат смена на луѓето што ја водат МКФ. Во случајов со актуелново раководство за неполна година веќе два пати се бара нивна смена. Кои се причините?

Почетокот е понајголемиот успех на репрезентацијата во 2011 година кога тогашното раководство донесе погубна, катастрофална одлука во домашното првенство да имаат право на настап шест странци.

Оттогаш кошарката отиде во амбис. Со цел да им се додвори на „големите клубови“ кои го бараат тоа, а за возврат да продолжат со раководењето на федерацијата.

Страв и трепет за сите – македонската селекција на ЕП во Литванија, бајката што нема да се повтори никогаш.

Исходот ни е познат. Сегашните баратели на промени во Федерацијата, а тоа повторно се таканаречените водечки клубови забораваат или воопшто тоа не ги засега дека со години наназад во нивните клубови не создале ниту еден квалитетен играч.

Така, Работнички од чии редови во изминатите шеесетина години произлегло се што е најквалитетно во Мак-баскетот сега настапува со кошаркари пред пензија, секоја чест за нивниот придонес и квалитет, но каде е перспективата?

Треба ли да потсетам дека Лазо, Ацика, Дули, Жмара, Јанко, Митко, Буштур, Пеце, Перо, Гешо, Боби… и да не ги набројувам сите бидејќи се многумина изникнале во Градскиот парк.

Но, тогаш Лазо работеше по десет часови на теренот наместо во канцеларија да го чешла јазикот. Во тогашната СФРЈ, која броеше 12 клубови и беше најсилната лига во Европа се натпреваруваше и Работнички во чии редови немаше играч над два метра.

mkf.mk

Работата и само работата прилагодувајќи се на потенцијалот што го имаше, успевавме да се одржиме меѓу великаните без ниту еден играч однадвор. Сега и за вториот по значење клуб МЗТ. Се памети големата победа против Реал Мадрид со само еден странски играч.

За поздравување е одлуката на МКФ во домашното натпреварување постојано да има 2 домашни играчи, можеби и тоа е малку, но за почеток многу значајно. Сите репрезентативни категории од пионери до сениори во машка и женска конкуренција веќе трета година се пријавуваат за ЕП.

Резултатите се неповолни, но за посакуваното треба време, трпение и многу работа. А, најмногу во клубовите и само во клубовите. Играчи и тренери не создава федерацијата, туку клубовите, МКФ е само за поддршка и подготовки на селекциите. Да им овозможи максимални услови за работа.

А, тоа се прави со полна каса. Според информациите од МКФ таа е полна до врв иако претходните оставија голема дубиоза. Парите се многу провокативни, па се прашувам дали некој тоа добро го намирисал, па без многу труд сака комотно да располага со нив. Претпоставката е многу реална.

Со потезите што ги прават неколку клубови се прашувам дали знаат што е кошарка или залутале постојано прашувајки се ШТО СПОРТ Е ОВОЈ, А НЕМА ГОЛМАН.

Вистински спортски работници не се занимаваат со бирократија во канцеларија, туку со присуство на терен каде се градат играчи, тренери, каде се создава квалитет. Следејќи неколку спортски портали многу тенденциозно, еднострано, навивачки се плука по Пеце, Моника и комплетната МКФ, држејќи една страна.

Претпоставувам очекуваат да профитираат. Но, се прашувам што ако тоа не им се исполни, дали повторно ќе плукаат по новите. Дали тоа ќе оди во круг, во недоглед, а кошарката вечно во амбис.

Новинарството треба да застане зад играта, нашите играчи и тренери, да биде пропагатор повторно да се полнат салите. Тоа е и во нивен интерес, читаноста ќе им се зголеми, а секако и профитот.

Публиката не ја интересира кој е претседател или генерален секретар, туку кој е играчки идол, колку е квалитетна играта, кој клуб е најдобар, имаме ли екипа која успешно ќе не претставува на меѓународни натпревари.

За да има и малку светлина ке ги спомнам новите прволигаши БЛОКОТЕХНА и ГОСТИВАР, кои градат камен по камен и создаваат убав мозаик. Многу клубови треба да го следат нивниот пример, верувам со ваква сериозност со која работат долго ке траат и тоа успешно.

Затоа, вие што постојано барате промени заради промени, од канцелариските фотељи, испратете ги вашите тренери на паркет, таму направете промени. Што ни е гајле кој е претседател ако имаме добра кошарка.

А што е добро за овој спорт знаат само тие кои оставиле длабока играчка трага, играле низ светот, се зборува за нив, во земјите каде играле се респектирани и по добрите игри ги памети кошаркарскиот свет.

(Огњан Герасимовски е надворешен соработник на порталот basketball.mk. Ставовите изнесени во колумната се лични, а се предизвикани од актуелните случувања во македонската кошарка.)