ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА КК КУМАНОВО: Гостивар, благодариме!

КК КУМАНОВО: Гостивар, благодариме!

сподели

Натпреварот меѓу Гостивар и Куманово помина во извонредно спортска атмосфера, тоа го признаа играчите на двете екипи по неговото завршување.

За пошироката јавност да дознае што се случуваше во салата „Младост“, кумановци со соопштение се заблагодарија за фантастичниот прием и спортската атмосфера не само кај противникот, туку и кај сите што во живо го проследија дербито на 11. коло од Првата македонска кошаркарска лига.

Дарко Петковски (лево)

„Почитувани,

Бидејќи по непишано правило во нашиот спорт се објавуваат соопштенија во негативна конотација, критики и напади, ние во КК Куманово решивме да излеземе од тоа клише и да споделиме со јавноста нешто позитивно.

Од срце сакаме да се заблагодариме на КК Гостивар од повеќе причини.

Управата на КК Гостивар и првите кошаркари од овој град, на мечот со Куманово.

Прво, благодарност до управата на клубот од Гостивар за одличната организација на натпреварот и топлиот прием што овозможи на теренот да се одигра одличен натпревар.

Второ, сакам да го истакнам коректниот однос на играчите и стручниот штаб, посебно на тренерот Марјан Србиноски.

И трето, публиката која ја исполни салата Младост и направи одлична атмосфера, а по натпреварот ги испрати кошаркарите на двете екипи со аплауз, придонесе да се почувствуваме како да сме дел од некоја европска кошаркарска лига.

Дарко Петковски (десно)

Гостивар покажа дека е вистински кошаркарски центар кој во иднина може само да напредува, а ние во КК Куманово се надеваме дека ќе успееме да возвратиме со иста мерка и да градиме пријателски однос.

На крај, знам дека е полесно вакво нешто да се изјави по тешко добиен натпревар на гостински терен, но не би било спортски и фер да се премолчи и да остане незабележан трудот на сите во КК Гостивар“, се вели во соопштението потпишано од спортскиот директор на КК Куманово, Дарко Петковски.