ПОЧЕТНА НБА Кајри ги зготви Репторс

Кајри ги зготви Репторс

сподели

Во големото дерби на Истокот победникот беше решен по дополнителните минути, а пресуди најголемата ѕвезда на Селтикс, Кајри Ирвинг. Како освојувач на шампионскиот прстен и трикратен финалист, тој беше незадржлив. Во вистински момент покажа дека се наоѓа во одлична форма и потврди дека ќе биде лидер на Бостон на патот кон финалето, па зошто да не и титулата.

Како што тоа го правеше многу пати досега во својата блескава кариера, Кајри имаше едно од своите најдобри изданија, постигнувајќи рекордни за него сезонава 43 поени, надополнети со 11 асистенции и со 2 скока, во победата над Торонто со 123:116. Кај канадската екипа најрасположен беше Каваи Ленард, постигнувајќи 31 поен со 15 скока, недоволно да се избегне поразот од лутиот ривал.

Аплицирајте веднаш за

Со оглед на тоа колку агресивно го натера својот поранешен тим Минесота да го трејдува, не треба да изненади податокот дека уште недојден, Џими Батлер ќе се наметне како лидер во својот нов тим Филаделфија 76ерс.

Играјќи го својот прв натпревар на домашен терен, Батлер им даде до знаење на сите дека и покрај тоа што досега Ембид беше миленик на навивачите, отсега ќе има нов шериф во градот. Тој постигна 28 поени, надополнети со 7 асистенции и 3 скока, предводејќи го својот тим до победа од 113:107 против Јута (Мичел, 31 поен).

По заминувањето на Џими Батлер, атмосферата во неговиот поранешен тим е одлична, а најдобар податок за тоа се трите победи во серија кои што Вулфс ги остварија откако го трејдуваа. На дуелот против Портланд, Минесота во својот тим ги имаше и новите засилувања Ковингтон и Шариќ, кои му помогнаа на тимот да оствари релативно лесна победа од 112:96.

Вигинс беше најрасположениот домашен кошаркар со 23 поени, 5 скока и 4 асистенции. Две од ѕвездите имаа задоволителен настап – Роуз постигна 17 поени, а Таунс 14 поени.

Ентони Дејвис имаше фантастично издание постигнувајќи дабл-дабл со 43 поени и 17 скока, предводејќи го Њу Орлеанс до победа против Њујорк од 129:124. Кај поразениот тим се истакна Тим Хардавеј со 30 поени.

На екипата на Милвоки и требаше цело полувреме да сфати дека игра натпревар, откако, на полувремето имаше огромна негатива од 17 поени против мотивираните Булс. Во вториот дел се виде сосема друго издание од Јанис Адетокумбо и соиграчите, за конечна победа од 123:104.

Бледсо беше предводник на Бакс со 25 поени, следејќи ги Адетокумбо и Мидлтон со по 23 поени. Кај Чикаго, Џабари Паркер посака со добра игра да му се одмазди на својот поранешен тим, но сепак немаше сила за подвиг против далеку поквалитетниот противник. Тој го заврши натпреварот со 21 поени и со 8 скока.

Индијана го победи Мајами со 99:91, а Бруклин го изненади Вашингтон со победа на гости од 115:104. За одбележување е и враќањето на Богдан Богдановиќ во тимот на Сакраменто, но ниту неговото присуство не беше доволно да се избегне поразот од Мемфис со 112:104.