ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА КАРАЏОВСКИ: МЗТ Скопје е во поповолна ситуација

КАРАЏОВСКИ: МЗТ Скопје е во поповолна ситуација

сподели

Првпат по финалето од минатата сезона, најтрофејните екипи во македонската кошарка ќе играат меѓусебен дуел во домашното првенство.

Тогаш победи Работнички со 3-0 и го прекина деветгодишниот пост во македонскиот шампионат. Во шестото коло од новата натпреварувачка кампања, МЗТ Скопје ќе ја има првата шанса за одмазда бидејќи на домашен терен го пречекува својот вечен ривал.

Аплицирајте веднаш за

Својот последен меч тимот од Градски парк го одигра пред две недели на гости кај Куманово. Во претходното коло беше слободен, а МЗТ Скопје оттогаш одигра три натпревари – еден во првенството и два во АБА 2.

Бекот на центарци Димитар Караџовски смета дека тоа е фактор кој оди на страната на противникот.

„На овие дерби натпревари ништо не се знае однапред, најчесто одлучува мотивацијата, но сметам дека МЗТ Скопје во овој момент е во нешто поповолна ситуација.

Тие се во полн натпреварувачки ритам, играат по два натпревара неделно и досега одиграа 12 дуели. За разлика од нив, ние само четири пати излеговме на терен, па и во некои од тие натпревари игравме против далеку послаби екипи.

Покрај сето тоа, МЗТ Скопје има и нешто подолг ростер иако знам дека се соочија со проблеми со повреди во последниот период.

Но, уште еднаш потенцирам дека ова не мора значи ништо во пресрет на натпреварот и сосема други фактори ќе го одлучат победникот“, изјави Караџовски за basketball.mk.

Тој го потенцира и новото правило на МКФ според кое секоја екипа на теренот во секое време мора да има најмалку тројца домашни кошаркари. За Работнички тоа ништо не значи бидејќи има само еден странец во ростерот, но кај МЗТ Скопје игра важна улога.

„Покрај сето она што го кажав за квалитетите на МЗТ, морам да истакнам дека нашиот противник се мачеше речиси на сите натпревари во првенството.

Од Блокотехна загуби, Гостивар го скрши во второто полувреме, а малку недостасуваше да загуби од АВ Охрид. Дел од причините за тоа лежат во заморот кај кошаркарите по напорните патувања во АБА 2, а дел во големата разлика во квалитет меѓу странците и домашните играчи.

Со оглед на правилото за тројца домашни кошаркари, јасно е дека ‘нашите’ ќе мораат да преземат поголем дел од одговорноста, но прашање е колку се подготвени за тоа“, додаде „шестката“ на Работнички.