ПОЧЕТНА Други репрезентации Како против Чесите? Неколку совети за нашите млади момчиња…

Како против Чесите? Неколку совети за нашите млади момчиња…

сподели
фото: FIBA

Најверојатно нема да го прочитаат ова што ќе им го порачаме, затоа што селекторот им забранил да користат ајфони, мајфони или хотелот нема добра Интернет конекција…

Но, наше е да се обидеме да им порачаме на нашите надежи, како да се справат со најголемиот досегашен предизвик во нивните кариери и да се обидеме да ги посоветуваме како да го надминат…

Ние Македонците сакаме, уживаме да даваме совети, по тоа сме познати, но малкумина од нас навистина можат да даваат совети базирани на знаење и на искуство.

Аплицирајте веднаш за

На главните светници во Македонија, главен адут им е дека гледале 100 утакмици на телевизија или прочитале некаде на Фејсбук, а искусиле ништо и всушност во реалниот живот знаат уште помалку од ништо.

Затоа, млади момчиња Македончиња, ние собравме неколку реченици или квоти од Интернет, ги преведовме и се обидовме да ги адаптираме, со цел да може да ги сфатите и да ги сварите лесно, за да ви биде мечот со Чешка уште полесен…

Не бегајте од предизвикот, прегазете го. Успехот не е подарок и за да се успее треба да се запотиш, да прокрвариш, па и да заплачеш. Плачат и најголемите мажи, така се ослободуваат од притисокот.

фото: FIBA

Никогаш не ги лимитирајте вашите предизвици, предизвикајте ги лимитите што мислите дека постојат. Во „тепачка“ и во секоја друга животна битка, не е битно колкав си, важно е колкаво срце имаш!

Предизвиците го прават животот интересен, а нивното надминување му дава смисол на животот. Дајте се од себе во секој момент, за да не жалите до крајот на животот.

Најчесто, причината за поразите е недостатокот на верба во себе. Верувајте во себе! Верувајте во вашиот предводник! Верувајте во целта што сакате да ја постигнете!

На противникот му е најтешко да победи противник што не се предава никогаш. Сите се плашат да победат, а шампионите се плашат да загубат.

Предизвикот е пречка само кога ќе му се поклоните. Играјте со цело срце затоа што со таков став ќе имате многу малку конкуренција.

Едно да знаете – Македонија за влакно не ја победи Шпанија во полуфиналето на ЕП 2011! Влакното се вика Хуан Карлос Наваро. Таков му беше денот. Да бевме Германци ќе го повредевме уште во третата минута кога ја даде третата тројка, прашајте ги татковците и дедовците како играа Германците (фудбал) некогаш.

Нашата У16 репрезентација, фотографија пред почетокот на ова ЕП.

Но, ние секогаш играме фер! Секогаш! Играјте и вие фер! Заборавете на судиите! Заборавете на публиката! Заборавете на сите сезнајковци во Македонија! Играјте за вас! Играјте за нас!

Ослободете ги рацете на шут! Ослободете ги нозете во одбрана! Слушајте го селекторот! Концентрација 40 минути! Не го давајте рекетот!

Трчајте! Нека се мачи противникот! Надополнувајте се, поправајте ги грешките на соиграчите! Не се лутете еден на друг, тепајте се еден за друг! Играјте полетно, испишете ја 10-та бетовенова симфонија!

Удрете силно! Дајте се што знаете и не знаете дека имате во себе! Гризете како да нема утре! Како ова да е мечот на вашите кариери, што посакуваме да ви траат уште сто години! Па, нека се чешка Чешка и нека му ја мислат тие!

Напред Македонија! Со каков пласман и да се вратите од Сараево, вие сте наши, а ние си го сакаме нашето повеќе од се друго на светов!

(НАПОМЕНА: Во текстот е користен сленг, со преносно значење, без намера некој да биде навреден или повреден!)