ПОЧЕТНА Избор на уредникот Како нашите бронзени кадети, да опстанат во меѓуфазниот период?

Како нашите бронзени кадети, да опстанат во меѓуфазниот период?

сподели

Се обративме на една од адресите кои што се најкомпетентни, за преживувањето на спортистите во модерниот спорт. Општата психофизичка подготовка на организамот, односно конкретната за секој спорт индивидуално, е од круцијално значење за секој спортист.

Basketball.mk зборуваше со Сашо Пецев, еден од нашите кондициски тренери, кои што се составен дел од стручните штабови на нашите кошаркарски екипи.

ЕП во БиХ беше напорно за момчињата до 16 години, одиграа многу натпревари за кратко време, подготовките за првенството исто така беа исцрпувачки. Комплетниот предизвик ги оптовари овие „деца“ на физички, но (можеби и со поголем интензитет) и на психички план.

Аплицирајте веднаш за

Како се негува организмот по ваков исцрпувачки предизвик?

„По едно вакво првенство и еден ваков распоред, одговорот би бил – заслужен одмор (10-14 дена), ако воопшто имаат простор за такво нешто, знаејќи дека подготовките на нивните клубови веќе се почнати.

По напорниот период што го поминаа – пред-натпреварувачки (подготовки) и веднаш потоа натпреварувачки со висок интензитет (натпревари од ден во ден), нивното тело ќе има потреба од добра регенерација пред враќање во тренажниот процес, без разлика што се работи за млади играчи од 16 години.

По враќање во тренaжниот процес, истите треба да поминат одредени тестирања на телото и одтаму да се направи структуриран план, што потоа би се практикувал во текот на годината.

Сашо Пецев на тренинг на КК Гостивар, каде што е професионало ангажиран во подготвителниот период.

Делумно секој од тие момчиња е функционално слаб, не бил изложен на сериозен тренинг со маса (тегови) или воопшто на тренинг за зајакнување на потребните регии, поради што се јавуваат пателарни проблеми, проблеми со лумбарен дел, проблеми со зглобовите и слично.

Конкретно за пример ќе го земам Марко Миловановиќ, кој што се пожали на пателарна болка што го мачи веќе цела година. Со неговата дијагнозата (од мој аспект) сум запознаен и начинот на кој што тој требаше да работи на отстранување на проблемот е оној вистинскиот – зајакнување на глутеалната регија (посебно медиусот), за валгусот присутен кај двете колена да се отстрани на долг период.

Но, тука доаѓа прашањето дали мускулот кој е задолжен “чувар” на коленото односно Vastus Medialis (VMO) ја има потребната јачина. Во неговиот случај доволно беше да се погледнат двата квадрицепса и да се донесе заклучок дека поради недоволна активација и цврстина на VMO, се јавува таа пателарна болка.

Со негово зајакнување болката се намали во рок од 3 недели до првенството. Истото ова не значи дека проблемот со ова е решен на долг период, но тоа се ситните детали кои што менуваат многу и на кои што треба да им се обрне внимание, веднаш на стартот на новиот тренажен процес.

Градење на потребната мускулатура во одредени регии преку посебно избрани анатомски базирани вежби е посебна приказна, бидејќи кај нас за жал сеуште е присутна тезата “Ако дигаш тежини нема да растеш”, поради што многу од младите играчи многу доцна почнуваат со тој тип на тренинг, што според мене е огромна грешка.

Тие не се свесни дека ги чека долг пат додека да се оспособат за кревање сериозна маса и за изведување на сериозни вежби.

Паралелно со овој проблем, е и оној со преголема изложеност на техничко-тактички тренинг, кој што евентуално ги заглавува овие млади момчиња во аеробната зона и од што следи таложење на големи дози на млечна киселина, што нималку не им е од корист на долг период.

Овие момчиња се во зоната 15-17 години и треба да работат на капацитетот, притоа зачувувајќи се на 70% од максималниот отпор при тренинг со маса (ниско-среден волумен на тренинг и ниско-среден интензитет на тренинг).

Треба да се обрне внимание и на градење на формата на традиционалните вежби, кои што понатаму би биле дел од процесот на нивно надградување.

Во поглед за вежбите за моќ, интезитетот треба да е среден, притоа вклучувајќи вежби според биолошкиот статус и капацитет на играчот (не се сите 16 годишни момчиња на ист степен на физичкиот развој).

Прерано пикирање и изложување на поголем стрес од потребното, многу брзо ќе ги донесе до еден “ѕид” што би значел повреди или прерано откажување од спортот.

Секој играч сам по себе е различен, па така и овие млади момчиња, што значи генерализирани програми се секогаш негативни во споредба со индивидуализирани според конкретните потреби на играчот.“