ПОЧЕТНА Европски лиги Како Ефес го испушти Кевин Гарнет…

Како Ефес го испушти Кевин Гарнет…

сподели

Во 2011 година, додека во НБА лигата траеше локаутот, голем број кошаркари одлучија да се преселат во Европа или Кина за да останат во форма.

Никола Батум, Серж Ибака, Данило Галинари, Кевин Серафан, Руди Фернандес и многу други дојдоа во европската кошарка, некои останаа тука и до овој момент. Турските клубови одлучија, покрај европските, да ангажираат и некои од големите ѕвезди на НБА лигата, па Ален Ајверсон и Дерон Вилијамс завршија во Бешикташ.

Но, најголемата бомба во тој период ја испушти тимот на Анадолу Ефес кој во тоа време го носеше името Ефес Пилсен.

„Додека траеше паузата во НБА, ние го договоривме Ерсан Илјасова. Еден ден, откако веќе почна сезоната, ми се јави агентот на Кевин Гарнет и ми рече дека неговиот клиент е заинтересиран да игра во Европа за време на локаутот.

Ми остави време да размислам и да му се јавам. Ние во клубот одржавме состанок и заклучивме дека не можеме да си го дозволиме Гарнет поради екстремно високата плата.

Тој и неговиот агент бараа еден милион евра за два месеца, поточно по 500 илјади евра месечно и тоа беше премногу за Ефес. Затоа му се јавив на агентот и му реков дека нема да потпишеме договор“, откри тим-менаџерот на Анадолу Ефес, Алпер Јилмас кој и денес е на истата позиција.

Ако беше постигнат договор, Гарнет ќе станеше само трет кошаркар во историјата кој играл во Европа откако претходно станал МВП на сезоната во НБА лигата. Другите двајца се Ален Ајверсон и Боб МекАду.

Анадолу Ефес е најтрофеен турски кошаркарски клуб со 13 шампионски и 11 титули во Купот. Најуспешниот период од неговото постоење е оној кога член на Ефес беше сегашниот претседател на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски.

Со Пеце, клубот од Истанбул освои по четири титули во првенството и Купот, но и стана прв турски клуб кој триумфирал во европските купови победувајќи во тогашниот Куп „Радивој Кораќ“ во 1996 година. Како резултат на тоа, „седумката“ на Наумоски е повлечена од употреба на 9 февруари 2017 година и досега тој е единствен играч на Ефес кому му е укажана ваква чест.