ПОЧЕТНА Во позадина Како Вардар го „намести“ Ѓорѓи Кочов…

Како Вардар го „намести“ Ѓорѓи Кочов…

сподели
Да не беше Вардар, којзнае како ќе се движеше животот на Кочов...

Повеќе од една деценија помина откако Кошаркарскиот клуб Вардар ја донесе можеби најважната одлука во својата седумдецениска историја.

Во поблиското минато, „црвено-црните“ играа важна улога во македонската кошаркарска елита, еднаш ја освоија титулата во Купот на Македонија (2007 година), а два пати играа и во финалето од плеј-офот (2005 и 2006) каде загубија од Работнички.

Титулите во младинските категории беа најдобра препорака за „трансферот“ во МЗТ Скопје

Многу познати имиња продефилираа низ клубот и оставија длабока трага во неговиот развој, како во играчкиот, така и во стручниот кадар, но сето тоа беше кратко и без долгорочни придобивки за клубот.

Аплицирајте веднаш за

Една нова раководна гарнитура во 2007 година одлучи акцентот да биде ставен на младинската школа и оттогаш Вардар е најголем производител на млади играчи во земјава. Титулите во младинските категории најчесто им припаѓаа(т) на кошаркарите од под Кале, оттаму излегоа многу репрезентативци, а последните години и квалитетни тренери.

Ѓорѓи Кочов во моментов е најславниот меѓу нив, го води вториот најтрофеен клуб во земјава и сите стручњаци во Македонија му предвидуваат блескава кариера. Со оглед на тоа што уште не наполнил 34 години, само небото е граница за него.

Но, малкумина знаат дека Кочов воопшто не планирал, па дури и не сакал да стане тренер откако во својата играчка кариера беше член на Работнички, МЗТ Скопје и Вардар.

„Пред пет години, на 31 декември, МЗТ Скопје се договори со Владимир Мирковски кој кај нас беше тренер на две младински екипи со многу голем успех. Останавме без соодветно решение, а екипите кои ги остави беа страшни, буквално се шетаа до титулите.

Претходно се договоривме со Кочов, кој уште беше активен играч, тој да ги подготвува на физички план младите кошаркари во текот на зимскиот период, пред да продолжат првенствата. Кога останавме без Мирковски, го седнав Ѓорѓи и му предложив тој да ги преземе екипите со тоа што јас и останатите во стручниот штаб ќе му помагаме постојано.

Ме изненади неговиот одговор, тој не сакаше да слушне за тоа, имаше желба да работи на кондициски план и ништо повеќе од тоа. Разговорите траеја необично долго за наши услови, јас му бев тренер во првиот тим, го знаев каков фанатик е како играч и сметав дека со иста енергија може да ги води младинските екипи, па поради тоа не сакав да се откажам од него. Но, тој упорно одбиваше.

Индивидуалните награди стигнаа многу брзо – Кочов со Бране Андриевски и Никола Данев

Еден ден морав да пресечам, се најдов со него и му реков: или ќе бидеш тренер или ја раскинуваме соработката на секое поле. Неволно се согласи и таа зима почна да работи со младинските екипи.

Во првата сезона убедливо ја освои титулата во М18, во втората триумфираше во М20 и М18 и беше прогласен за најдобар тренер на млади категории во земјава, а во третата го назначивме за предводник на првиот тим.

Во меѓувреме, бидејќи сум координатор на младинските селекции во МКФ, го предложив за селектор на репрезентацијата до 18 години, а Стручниот совет го прифати предлогот.

МЗТ Скопје се заинтересира за него минатото лето, првиот налет го одбивме, вториот, во јануари не можевме. Но, подобро е за него што ја прифати понудата бидејќи треба да напредува во секој поглед”, се присетува спортскиот директор на Вардар, Бране Андриевски кој е алфа и омега во клубот последната деценија.

Од оваа временска дистанца, тој констатира една работа.

„Кочов е една од најдобрите нешта што му се случиле на Вардар, но Вардар е убедливо најдоброто нешто во спортската кариера на Кочов. Ние можеме да бидеме горди бидејќи буквално го измисливме како тренер.

Старото друштво повторно се собра на дуелот меѓу Вардар и МЗТ Скопје – Кочов со својот наследник Радуловиќ и Андриевски

Интересна е споредбата на Кочов, на пример, со сегашниот шеф на стручниот штаб на Вардар, Дарко Радуловиќ. Тој од старт беше сигурен дека сака да биде тренер и максимално се посвети на тоа.

И Радуловиќ, како и Кочов, е извонреден стручњак и може да направи блескава кариера”, додава Андриевски.

Во МЗТ Скопје помина дел од играчката кариера, сега е таму и како тренер

Сегашниот тренер на МЗТ Скопје го потврдува сето тоа што за basketball.mk го раскажа неговиот ментор.

„Студирав на Факултетот за физичка култура и имав намера по завршувањето на играчката кариера да бидам кондициски тренер.

Ни на крај памет не ми падна да станам прв тренер на некоја екипа, не затоа што не сакав да го пренесам некому моето знаење, туку бидејќи ја знаев тогашната целокупна состојба во нашата кошарка и во тој момент не се гледав како дел од тоа друштво.

Тренерската професија е многу стресна, но полесно е кога нешто се работи со љубов – Ѓорѓи Кочов како тренер на МЗТ Скопје

Судбината сакалa да биде поинаку, а многу му должам на Андриевски кој има голема заслуга за ова што сум денес“, вели Кочов, кој, малку на шега, а малку сериозно, додава и нешто друго.

„Андриевски ми направи услуга, но во исто време и ме ‘намести’. Ми ја закачи најстресната професија“.