ПОЧЕТНА АБА И Зрињски ја почувствува моќта на МЗТ Скопје

И Зрињски ја почувствува моќта на МЗТ Скопје

сподели
фото: МЗТ Скопје/Роберт Спасовски

Кога игра на домашен терен, македонскиот вицешампион е речиси непобедлив. Речиси, бидејќи Приморска, сепак, со многу среќа ги однесе бодовите од „Јане Сандански“.

Но, тој натпревар во Скопје може да биде пресвртница за тимот на Ѓорѓи Кочов кој оттогаш забележа две победи во АБА 2. Зрињски е совладан со 97:75 без никакви проблеми и со одлична игра во второто полувреме. Меѓу другото, МЗТ Скопје и му се одмазди на босанскиот претставник за поразот на негов терен во првиот дел од сезоната.

По релативно израмнетото прво полувреме, нашиот тим се разигра во втората половина од третата четвртина. Од 54:49 во 24. минута, МЗТ Скопје направи серија од 17:2 и по тројката на Андреј Магдевски поведе со 71:51. Зрињски немаше ниту сили, ниту квалитет да му ја загрози победата на противникот во натамошниот дел од мечот.

Којзнае кој пат оваа сезона, најдобар играч во тимот на МЗТ Скопје беше Андрија Бојиќ. Натпреварот го заврши со 26 поени, пет скока и индекс 30, повторно еден од најдобрите во колото во АБА 2.

Она што може да го радува Кочов е враќањето на повредените играчи во посакуваната форма. Недостасуваат уште Медфорд и Младеновски, но кога тие ќе се приклучат, МЗТ Скопје ќе биде уште посилен.

Следува незгодното гостување кај Сплит, а во меѓувреме и дербито во домашното првенство против Блокотехна на домашен терен.