ПОЧЕТНА Избор на уредникот Исчезнува ли магијата, го губат ли тлото под нозете?

Исчезнува ли магијата, го губат ли тлото под нозете?

сподели

Од перспектива на гледач и на човек гладен за резултати, сега и веднаш и тука и без оглед на се, може да констатираме дека насловот е она вистинското.

Од агол на реалноста во македонската кошарка, начинот на кој што кај нас се градат екипите и резултатите кои што би требало да ги очекуваме, ситуацијата во редовите на македонскиот шампион на почетокот на седмата, е идентична со сите претходни 6 сезони од владеењето.

Ќе ја констатираме фактичката состојба, според бројките кои што ретко кога лажат, но понекогаш, гледани суво како цифри, знаат да ја прикријат вистината.

Аплицирајте веднаш за

МЗТ Скопје Аеродром има две победи и 5 порази во регионалното првенство, односно две победи и два пораза во македонското првенство.

Бојан Трајковски и Марко Симоновски (од неговата десна страна) на клупата на МЗТ Скопје, кои што се очекува да бидат носители на играта на македонскиот шампион, заедно со капитенот Дамјан Стојановски.

Аеродромци победија против Партизан и кај Игокеа, загубија кај ФМП, од Задар, Цибона, кај Црвена звезда и од Мега Бемакс. Дома, МЗТ загуби од Соколи и од Блокотехна.

На страна ги ставаме поразите од ФМП и од Звезда, во кои што македонскиот шампион едноставно се изрезили, што не е ништо ново во спортот, екипа од која што се очекува повеќе, да даде премалку.

Дуелите со Мега, со Задар и Цибона, односно парцијални моменти од тие натпревари, особено последниот период од последниот натпревар (Мега), покажуваат дека за победа или за пораз во АБА лигата, решаваат нијанси.

Тоа е лига во која што падни-стани системот важи за сите екипи и никогаш не се знае кога и кој и каде, ќе победи или ќе загуби. Тоа го знае и Игокеа, која што ги потчини Будуќност и Цедевита, а на свој терен загуби од МЗТ Скопје.

Тим менаџерот Ѓорѓе Војновиќ и некогашниот капитен на МЗТ Скопје, Тони Грнчаров кој што прв го крена шампионскиот пехар при освојувањето на првата титула во македонската лига.

На територијата каде што е суверен цели 6 години, МЗТ Скопје загуби од Соколи во првото коло и од Блокотехна во последното одиграно коло во домашното првенство.

Првиот натпревар беше против финалистот минатата сезона, екипа што имаше некаков континуитет од претходниот шампионат и која што беше наострена да му докаже на шампионот дека оние тесни 3:2 и неколкуте шутеви што ги имаше за победа и за титулата во мајсторката, не беа случајни.

За Соколи велиме екипа што имаше континуитет, затоа што Соколи се во незавидна финансиска ситуација и не се знае дали ќе ја преживеат сезоната, во ова руво, што значи многу веројатно нема да бидат конкурентни во понатамошниот тек од македонскиот шампионат.

Но, затоа Блокотехна не само што покажува квалитет и професионалност, туку и од позадина, од сенка, со најсилното оружје на МЗТ претходните три сезони (доминантната за наши услови четворка Данило Мијатовиќ, поткрепена од останатите негови соиграчи жедни за докажување) се заканува со атак на висок пласман, на многу висок пласман.

Драган Лабовиќ и Ненад Делиќ, играчите на КК Карпош Соколи, го следат дуелот меѓу МЗТ Скопје и Мега Бемакс.

Македонските екипи се формираат од денес за утре. За жал, тоа е нашето секојдневие. Нема состав во кој што играчите или костурот на екипата, се заедно повеќе од една, а за 2 или за 3 сезони, да не зборуваме.

Каде што секој со секого се познава и каде што со еден потег со веѓата на едниот, другиот веќе знае што треба да направи. Тоа, кај нас, го нема.

Ќе заклучиме дека македонскиот шампион има квалитет, има потенцијал, но нема игра. Односно, нема игра за долги патеки. Тоа е резултат на неконсистентноста на македонската кошарка и условите кај нас, воопшто. Сите наши екипи, функционираат по исто сценарио.

Тренерот Александар Тодоров се уште ја нема екипата со која што ќе може мирно да напаѓа на двата фрнта, каде што сезонава има многу посериозни противници од минатите години.

Нормално е дека може да има и индивидуална одговорност, но премногу е рано да се зборува за такво нешто. Играчите се уште се менуваат и хемијата се уште се бара.

Зацртаните цели пред стартот на сезоната се уште не се загрозени. Средината на АБА лигата и борбата за титулите дома, не се доведени во прашање.

Можеби е загрозен статусот фаворит, можеби е загрозена доминантноста со која што во претходните 6 сезони МЗТ Скопје маршираше на македонско тло, но и тоа не е изненадување.

Уште пред стартот на натпреварувачката година, односно на првите средби со новинарите сезонава, беше најавено дека вистинското од МЗТ Скопје може да се очекува некаде во втората половина од шампионатите (АБА и Прва лига).

Другите се консолидираа и почнаа да играат, време е тоа да го направи и шампионот.