ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ИСКРЕН ДО КОСКА: Во Македонија се што вреди, не чини!!!

ИСКРЕН ДО КОСКА: Во Македонија се што вреди, не чини!!!

сподели

На последното Собрание на Македонската кошаркарска федерација, јавноста го виде раздорот во македонската кошарка. Овој наш спорт дише на цевче, во кал е преку веѓите.

Некаде на средината на Собранието, еден лик се појави од темницата. Не сме го виделе долги години, но неговото CV е библија, сплет на кошаркарски заповеди кои што мора да се следат ако некој сака да стане успешен во овој спорт.

Со продорен тренерски глас што ги дисциплинираше и „најнемирните“ играчи во времето кога се играше вистинската кошарка, им се обрати на присутните, а овие сите до еден, ги наведнаа главите како ноеви и молчеа.

Молчеа пред оној, на кој што не можат да му раскажуваат бајки за кошарката.

Како медиум кој што не коментира, туку информира, се почувствувавме должни пред јавноста, да го побараме Митко Луковски и да го прашаме зошто избувна како вулкан, на последната седница на Собранието на МКФ?

„На последното Собрание слушнавме дека клубовите ја обвинуваат сегашнава Федерација, дека била виновна за ваквата ситуација во која што се наоѓа македонската кошарка.

Според мене, 30 години кошарката постепено тоне. Во последните години тоа е драстично, а најголем критичар е публиката кај нас. 200 „души“ во сала, на натпревар со Звезда и Партизан, значат дека нешто не функционира.

Клубовите добија се што побараа од Федерацијата и што сакаат сега? Зборувам за сите раководства на МКФ претходно, воедно и од ова. Од сите добиваа и добиваат што сакаат – прво сакаа 2 странци, потоа 4 странци, потоа 6 странци – па сега некој друг им е виновен.

Јас не сум видел и слушнал досега некој од некоја Федерација да отиде во некој клуб и да им каже на раководните лица во тој клуб кој тренер да го ангажираат, кој играч да го купат и каква тактика да играат или кога да тренираат.

Да дојде странец во Македонија, да ја помине цела Европа и да застане кај нас, знаеме со каков „квалитет“ располага тој странец. А нам ни требаат играчи од кои што младите ќе научат нешто, против кои што ќе играат и ќе се надоградуваат.

Со колку пари располагаат нашите клубови? Немаме буџети од 3 или 5 милиони евра за квалитетни странци.

Наместо да се фрлаат пари за половни играчи од страна, треба да се развиваат нашите деца. Во нашата кошарка имаше и има таленти, тие тренираат, но да станат квалитетни играчи треба да влезат во програма и систем, да имаат минутажа во тимот.

Виновниците за пропаста на македонската кошарка се клубовите и само клубовите, јас немам влакна на јазикот и го кажувам ова јавно.

Од времето на браќата Боцевски, Душан и Илија, кои што беа сметани за „перспективни“ на 23 години, уште од тогаш сфатив дека нашата кошарка ќе оди само во надолна линија. На 23 години се освојуваат титули, европски и светски, перспективни се играчи на 16 години.

Ако браќата Стојановски, Војдан и Дамјан имаа вистински третман низ кариерата, ќе играа Еволига и НБА лига.

Кога нашите водечки клубови правеа свои играчи, а тие не можеа да влезат во првата екипа, тие беа обучени играчи и играа низ останатите екипи во Македонија. Тоа беше квалитетот на нашата кошарка, некогаш.

Се уште играат ветерани кај нас, а секоја сезона се зборува дека ќе се „вадат“ играчи. Не ми е јасно како тие што ги даваат парите за функционирање на клубовите, веруваат на вакви нешта.

Од распаѓањето на Југославија, кога се уште имаше добри играчи од ЈУ школата, кошарката живееше. Јас не се сеќавам Македонија да направила еден врвен играч, еден!

Се бркале некакви титули, кои што ништо не ни значат. Што им значат на Работнички и на МЗТ титулите, кога во Македонија нема кошарка? За што играле сите тие странци по нашите клубови, ако квалитетот не пораснал?

Каде и да излеземе на надворешната сцена, сме топовско месо. Отиди во Еврокуп или во ФИБА куповите, нареди порази. Во АБА лига, додека играа Гечевски и Чековски и Стојановски нешто се случуваше, се боревме за 5-6 место, а денес каде сме?

Во нашата кошарка на функциите има многу неквалитетни луѓе кои што немаат кошаркарско знаење, тоа е голем проблем. Тие ги чуваат своите позиции и уништуваат се што вредело и што вреди во македонската кошарка.

Ние немаме квалитетни тренери во младинските категории, односно можеби и имаме по некој, но тие не може да дојдат до израз. Нашата тренерска фела нема простор и е омаловажувана.

Најдобрите и најискусните треба да работат со младите, по урнек на екипите во Германија, на пример. Светислав Пешиќ (2012-16 Баерн Минхен) ми е пријател, тој вели дека тренерите во младинските категории имаат колку што беше неговата, па и поголема плата, затоа што произведуваат играчи.

Нашите деца не ни тренираат, ја губат мотивацијата уште од најрана возраст, со пораката што им се испраќа. Зошто да тренираат, кога ќе дојде некој странец и ќе им го земе лебот? Земете го за пример Маслинко, тој е за мене НБА потенцијал.

Дете од 20 години кое што има преку 2 метра, скочно, агилно, подвижно… Може да игра на сите позиции. Големите екипи не калкулираат, тие ги фрлаат во оган децата кои што подоцна стануваат играчи, а овие им враќаат на екипите повеќекратно за инвестицијата вложена во нив.

Или се мутави нашиве екипи, или се прават мутави, детето (Маслинко) не игра каде и да потпише. Го ангажира една екипа, а тој грее клупа. Оди во друга екипа како засилување, а таму е ставен во фрижидер. Која е таа политика за развој на играчи?

Европските тимови со по 50 милиони евра буџет играат со млади играчи, а ние купуваме странци со сомнителен квалитет.

И сега вината е на претседателите на федерациите? Каде се видело на 6 месеци да се менува претседател? Се знае кој ја прави кошарката во една земја, тоа се клубовите. Федерацијата е сервис.

Како никогаш досега, имаме младински селекции, од 12 години па се до 20 години, кои што се натпреваруваат во лиги во нашава земја. За една година не се прави ништо. Потребен е најмалку еден циклус од 4 години, најмалку!

А нашиве клубови, штом нешто не им штима, виновен е Претседателот, ќе го менуваме. Така му направија на Зоре Темелковски, тоа му се случи на Даниел Димевски, така сега истите тие му прават на Петар Наумоски.

Јас не стојам зад ниту едно раководство, туку стојам позади кошарката. Затоа и така бурно реагирав. Може кој сака да каже што сака, јас ја знам мојата вистина, а таа е дека целиот свој живот сум и го посветил на кошарката.

Во Македонија нема македонска кошарка, туку има кошарка во Македонија. Ние немаме наши играчи, туку нешто друго се случува. Кај нас има 10% македонски играчи, а другите се оние што не може да играат никаде, па доаѓаат кај нас.

Играв две децении во Работнички, потоа во МЗТ. Бев тренер, потоа отворив свој клуб (Соколи) кој што е во мирување. Низ мои раце поминале многу играчи, вклучително и последната генерација што генрациски нешто значела во македонската кошарка (Војновиќ, Књазев, Блажевски и другите).

Потоа имаше по некој бисер како Стефанов, Гечевски, Антиќ, Илиевски и уште по некој, но тоа било само случајно, затоа што одамна во Македонија нема систематска работа со кошаркарите.

Бев селектор на кадетската селекција што 1995-та година ја освои четвртата позиција во Европа, за малку не освоивме медал во мечот со Грција.

Поминавме претквалификации, сите викаа случајно. Поминавме квалификации, повторно јавноста мислеше дека е случајно. Кога се вративме со 4-то место, сите молчеа, како што молчеа сите оние на Собранието кога експлодирав од незадоволството што се јавува кај мене веќе 3 децении, од тоа како работат нашите клубови.

Сите клубови се виновни, без исклучок, заедно. И оние што го поддржуваат и оние што сакаат да го сменат Наумоски. Не им е тој виновен, како што не им беа виновни и претседателите пред него.

Нека се фатат клубовите за работа, да произведуваат играчи, а не да бидат туристички агенции или да работат за членарина од 1.000 денари месечно од секое дете. Каде се видело движечките клубови во една земја да наплаќаат членарини?

Кај нас на младинските тренинзи се учат акции „5 на нула“, кои што се карактеристични за сениорска конкуренција, за играчи што веќе ја совладале кошарката. Младите треба да учат одбрана, игра 1 на 1, игра 2 на 2. Треба да учат транзиција, отворање контра напад, да вежбаат шут.

Нација како нашата, не може да нема таленти. Ние сме играорци. Играта и спортот се тесно и суштински поврзани. Ние имаме темперамент, ритам, чувство. Видете ги Бразилците и Аргентинците, исти сме во тој поглед.

Во минатото, ние бевме страв и трепет во Југославија. На времето се велеше – „Ко проѓе Скопље, биче првак!„. А денес?“ – заклучува Митко Луковски, во ова обраќање кон јавноста.