ПОЧЕТНА Младински лиги ИСАЈЛОСКИ: Уф, какво финале…

ИСАЈЛОСКИ: Уф, какво финале…

сподели
фото: КФСМ

Ѕвездата во најава на МЗТ Скопје и македонската кошарка воопшто стави печат на финалниот натпревар од државното првенството за играчи до 18 години.

Гостиварецот кој сезонава игра и за првиот тим на аеродромци и има професионален договор со клубот, ја постигна клучната тројка во дуелот со Партизан Водно Санс, на 2,2 секунди пред крајот на мечот.

Со неа МЗТ Скопје ја освои титулата (82:83) иако конкуренцијата беше голема бидејќи и вториот финалист одигра одличен натпревар, а во фантастично издание се покажаа и Феникс и Работнички.

Виктор Исајлоски го заврши натпреварот со 24 поени и 11 скока, на теренот помина речиси 42 минути. Можеби премногу инсистираше на шут за тројка, упати 14 удари, но на крајот токму тоа го одлучи победникот.

„Во полуфиналето против Работнички не игравме според очекувањата, осцилиравме, но дојдовме до победата. Во финалниот меч добро стартувавме, фунцкионираше одбраната, ама и противникот покажа дека е исклучително квалитетен и дека заслужено дојде до меч за титулата.

Тренерот (Горан Крстевски н.з.) постојано ни велеше дека треба да бидеме мотивирани, дека треба да дадеме 100%, а ние дадовме 200%. Не се откажавме во ниеден момент, ја посакувавме победата и дојдовме до неа на крајот.

Финалниот натпревар беше вистински ролеркостер, губевме 13 поени разлика, потоа водевме 9, можевме да загубиме во регуларниот дел, а и во продолжението Партизан Водно Санс имаше предност од пет разлика. Ние промашивме неколку слободни фрлања со кои си ја искомплициравме ситуацијата. Но, покажавме карактер, мојата тројка беше само кулминација на возбудувањата.

Пресреќен сум што јас ја погодив, ова ми е прв трофеј во кариерата, очекувам во иднина уште многу титули“, изјави за basketball.mk херојот на аеродромци.