ПОЧЕТНА Избор на уредникот ИНТЕРВЈУ СО КАЕВСКИ: Нема само да се сликаме, градиме стратегија за кошарката

ИНТЕРВЈУ СО КАЕВСКИ: Нема само да се сликаме, градиме стратегија за кошарката

сподели
Дарко Каевски и капитенот Војдан Стојановски, додлеување на признанието МВП на „Трофеј Македонија 2017“.

Директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски одговара на основните прашања што треба да ни дадат насока, како ќе се однесуваат институциите со нашиот најуспешен репрезентативен спорт и какви се плановите за враќање на кошарката на патеките на славата.

Неуспехот во квалификациите за ЕП 2017 мора да остане зад нас, Македонија очекува враќање на нашата А селекција на меѓународната сцена.

Литванија 2011-та и полуфиналето на тој континентален собир, е моментот на кулминација, но воедно и на негативен историски пресек во нашата кошаркарска историја. По тоа ЕП, бележиме вртоглаво паѓање во сите аспекти, од организација, до резултати. Јавноста ја интересира дали и што, ќе се менува во периодот што следува?

BASKETBALL.MK: На стартот на мандатот, се запознавте со сликата во кошаркарската А селекција, која што е рефлексија на генералните случувања во овој спорт. Каков е Вашиот впечаток?

„Кошарката е еден од нашите најуспешни спортови. Изминатиов период се сретнав со машката кошаркарска репрезентација. Бев присутен на подготовките на кошаркарите во Маврово. Репрезентативците и челниците на МКФ истакнаа дека никогаш до сега никој не им се обратил и не ги посетил во една толку рана фаза од некои подготовки, но тој тренд ќе се смени. Секогаш ќе бидеме со нив, во рамките на нашите можности.

Каевски им се обрати на репрезентативците за време на еден од тренинзите во Маврово.

Забележителна беше одличната атмосфера која што преовладува, во селекција во која што има играчи од повеќе генерации, од оние што го почувствуваа најголемиот успех на нашиот репрезентативен спорт, преку оние што сега се столбот на репрезентацијата, до оние што треба да го понесат товарот во иднина. Спојот на професионалноста и искуството, секогаш се исплати.“

Аплицирајте веднаш за

BASKETBALL.MK: На клупата на репрезентацијата и на чело на Федерацијата се две имиња кои што беа успешни во играчките кариери, успешни се и во постиграчкиот живот, ценети во пошироки граници од нашите. Ветува ли ова дуо, подобри денови за македонската кошарка?

„Јорданчо Давитков како селектор е одличен мотиватор за тимот, стучњак кој знае да го извади максимумот од играчите. Нагорната линија во формата на репрезентацијата е евидентна, од натпревар во натпревар. Претседателот на МКФ, Петар Наумоски е македонска кошаркарска легенда и среќен сум што тој е на челната позиција во овој спорт.

Каевски во друштво на Наумоски и Давитков, за време на подготовките во Маврово.

Двајцата имаа успешни играчки кариери, Давитков има и плодна тренерска кариера, а Наумоски седна на жешкото столче во Федерацијата во еден многу фрагилен момент. Со своето искуство и знаење, двајцата придонесуваат многу за остварување на заедничката цел што ја имаме сите, а тоа е нови светли денови за овој спорт кај нас.“

BASKETBALL.MK: Како ќе помогне АМС, да се врати кошарката таму каде што беше?

Сакаме системски да ја поддржиме кошарката. Тоа значи да ги следиме младите таленти уште од најрана возраст, во основните и во средните училишта. Последниве години младинските кошаркарски школи имаат проблеми во функционирањето, што мора да се смени. Талентот мора да се искористи, а ние сме талентирана нација. Многу пати сме го покажале тоа и го покажуваме и денес.

КК Вардар и КК Карпош Соколи се ретки клубови што имаат (успешни) млaдински школи.

Ќе градиме „Стратегија за кошарката“, заедно со МКФ, со цел да бидеме подготвени при секоја идна смена на генерациите. Мора константно да се произведуваат нови и нови играчи, младинскиот погон не смее да згасне. Секој вакуум период и дисконтинуитет, му штетат на секој спорт, што особено се чувствува во репрезентативни рамки.

BASKETBALL.MK: Еден од сегментите што е најслаб во македонската кошарка, е стручниот тренерски кадар, кој што треба да произведува играчи. Ќе се осврнете ли и на оваа тема?

„Ќе посветиме особено и големо внимание и на стручна подготовка на тренерите. Без добри тренери, нема добри играчи. Без добри играчи, нема успех и радост. Тоа е т.н. систем на врзани садови.

Љупче Малинков е еден од асистентите на Давитков, производ на нашата кошаркарска школа, неговата екипа КК Фени Индустри играше во финалето на Купот и загуби од Соколи.

Професионалната поставеност е клучна за успехот на сите нивоа и секако, за сите чекори во кошарката ќе одлучуваме заедно со засегнатите луѓе, затоа што тие најдобро знаат што им е потребно со цел секојдневно да се движиме напред.“

BASKETBALL.MK: Победата на „Трофеј Македонија“ е солиден резултат за нашите кошаркари, кои што победија на сите три средби пред домашна публика. Тоа би требало да биде отскочна даска и одлична мотивација, пред претстојните мундијалски претквалификации.

Во ова кратко време на чело на АМС, редовен сте на сите кошаркарски настани. Важен Ви е публицитетот, или?

„Уште еднаш да им честитам на нашите кошаркари за освоето прво место на меѓународниот пријателски турнир “Трофеј Македонија”. Желбата на сите нас е да се пласираме во квалификациите за СП, а потоа да се бориме со силните репрезентации за место на светското првенство што ќе се игра 2019-та година во Кина. Ако успееме, тоа ќе биде неверојатен резултат за македонската кошарка.

Прво место на „Трофеј Македонија“ – репрезентацијата на Македонија

Публицитетот е ништо, без конкретни резултати. Може да се сликаме колку сакаме, ако нема напредок и континуитет, се паѓа во вода. Сликите бледеат, резултатите се паметат. АМС ќе биде вистински партнер на кошарката, не само за позирање и за честитање, туку и кога има проблеми ќе даваме се од себе да ги решиме. Само така е можна добра соработка, која што на крајот би резултирала со заеднички успех.“