ПОЧЕТНА Избор на уредникот ИНТЕРВЈУ СО ЗОРАН ВРКИЌ: Тоа беше несекојдневна приказна, ќе се вратам некогаш…

ИНТЕРВЈУ СО ЗОРАН ВРКИЌ: Тоа беше несекојдневна приказна, ќе се вратам некогаш…

сподели
Зоран Вркиќ во дресот на Карпош Соколи, на мечот со Партизан во Скопје, во рамките на натпреварите од АБА лигата.

Зоран Вркиќ беше најдобриот кошаркар на Карпош Соколи во сезоната што помина, не само според статистиката што ја имаше, туку и поради одлучноста да ја преземе одговорноста во клучните моменти од натпреварите. Беше главната оска во играта на македонскиот претставник во АБА лигата, се до повредата на натпреварот со ФМП, во февруари во Скопје.

Хрватскиот интернационалец ја смени средината, но не ја исклучува можноста да се врати во Македонија, пред се поради одличните спомени што ги има од престојот во нашиот главен град, но и поради решителноста со која што челниците ја предводат екипата на Карпош Соколи.

Аплицирајте веднаш за

За половина деценија, од локален клуб пред згаснување, Соколи се претворија во освоувач на националниот куп, финалист во македонскиот шампионат и достоен претставник во Јадранската лига (со која што влегоа во отворена војна поради низа нерегуларности, на штета на македонската екипа), односно во новата сезона учесник во Лигата на шампионите на ФИБА.

„По долго размислување, решив дека за мојата кариера и за моето семејство, подобро е да заминам за Франција, од каде што добив подобра понуда. Минатата година за мене беше успешна, но и несреќна. На стартот на сезоната повторно ја пронајдов мојата стара форма, но потоа претрпев повреда на коленото што ме оддалечи од терените.“ – кажа Вркиќ, за basketball.mk.

Иако праксата покажува дека екипите на Стариот континент многу и не се ажурни кога ќе загубат играч поради повреда, згора на тоа играч што е во првата и единствена година од договорот, кој што на крајот на сезоната може да си замине, како што тоа го направи Вркиќ, сепак домаќинската политика со која што клубот успева да опстои во турбулентново време, го фасцинира и Вркиќ.

„Сега сум потполно здрав. Подготвен сум за следната сезона. Во Скопје имав одлични услови за опоравок. Клубот ми овозможи се што беше потребно. Во секое доба ми помагаа вистинските клупски војници Шеле, Иван, Пеце и другите. Имав одлична соработка со стручниот штаб, одлично се согласувавме со тренерот Драган Николиќ, честитки до Борче Даскаловски кој што е новиот прв тренер. Сите македонски пријатели ми помогнаа многу за време на мојот престој во Скопје, луѓето се срдечни и гостопримливи.“ – констатира Хрватот.

Стевче Јакимовски и Огнен Дедиќ, главниот спонзор и претседателот на КК Карпош Соколи.

Вркиќ вели дека не е клише кога им се заблагодарува на челниците на клубот и на екипата што се грижела за него, додека бил способен и неспособен за натпревари. Според него, поставеноста во структурата на Соколи, е клучот за успехот на составот од скопската населба Карпош.

„Огромно благодарам до Огнен Дедиќ, претседателот на клубот, кој што е неуморен. Не се сеќавам дека некаде сум сретнал човек со поголема енергија, што повеќе се вложува за клубот, од него. Се предава комплетно, со сета своја страст, љубов и храброст. Чесен и искрен, секогаш го кажува своето лично мислење, тоа е она што најмногу го ценам кај луѓето. Најголема поддршка добива секако од Стевче Јакимовски, без кого проектот Карпош Соколи не би успеал.“ – вели Вркиќ.

Победникот во Купот на РМ 2017, на завршниот турнир во Кавадарци против домаќинот Фени И., КК Карпош Соколи.

Хрватскиот интернационалец е свесен за се што се случуваше во историската сезона за Соколи, за првата победа во АБА, за победите над големите јадрански екипи, за освојувањето на Купот, за финалето со МЗТ Скопје. Сликата можела да биде далеку поинаква, но, како што тоа најчесто бива, никој никогаш не може да предвиди ништо.

„Бев дел од историските успеси на екипата, заедно победувавме и губевме. Слабо стартувавме, но потоа покажавме што знаеме, во АБА лигата. Штета што се повредив. Го освоивме Купот, но мислам дека ќе го освоевме и првенството. За жал, не можев да помогнам. Тоа е спортот, животот е суров. Мислам дека овој клуб ќе има уште многу, многу успеси. Ако се создаде шанса, можеби ќе се видиме повторно, не ја исклучувајте таа опција.“ – го заврши Зоран Врќиќ, интервјуто за basketball.mk.