ПОЧЕТНА Во позадина Има ли шанса МекКејлеб да заигра во Македонија?

Има ли шанса МекКејлеб да заигра во Македонија?

сподели

Американецот со македонски пасош е без клуб, откако го раскина договорот со шпанскиот АЦБ лигаш Сарагоса, поради семејна трагедија – смртта на неговата мајка.

Се шпекулира и дека тој ќе заврши со кошарката, со оглед на страшниот пад во неговата форма, но многу е рано да се зборува за нешто такво со оглед на неговата возраст – само 32 години, што во модерниот спорт е најзрелата возраст за кулминација на кариерата.

Бо МекКејлеб беше поврзуван со Блокотехна, разиграниот прволигаш од Гевгелија, кој што уште во првата сезона, со скромен буџет, прави чуда во нашата кошарка. Ова останува во доменот на шпекулациите, затоа што не беше потврдено од споменатите страни.

Аплицирајте веднаш за

Преговорите меѓу нашиот Американец и колективот што многу ветува, со оглед на тоа колку домаќински и трпеливо работи, наводно пропаднале поради енормната за наши услови цена, односно пазарна вредност на МекКејлеб.

МекКејлеб во дресот на Гран Канарија

Платата на инспираторот на нашето прво и единствено репрезентативно полуфинале, е во кругот на 30.000 евра месечно. Поскап е од Андреа Лекиќ, но поевтин од Арпад Штербик, да направиме паралела со ракометот.

Пред почетокот на европските претквалификации МекКејлеб беше поврзуван и со нашата селекција, но не заигра повторно за нас поради некаков „матен“ одговор во последен момент, иако претходно изјавил дека со задоволство пак ќе го облече дресот на неговата „омилена“ репрезентација.

Останува мистерија – зошто Бо не заигра повторно за Македонија?

Три моменти се пресудни за евентуалното доаѓање на Меккејлеб во нашата земја:

Дали нашата лига е нивото на кое што тој сака да игра, со оглед на тоа дека од Македонија е тешко да се продадеш и да се вратиш во европската реалност? Играњето кај нас значи дека тој свесно би сигнализирал дека не е веќе за премиерната конкуренција на Стариот континент.

Дали некој кај нас има пари (а не се вика Самсоненко, тука „газдата“ на Вардар е споменат во позитивен контекст) да го плати МекКејлеб и да ризикува со играчот чија што форма реално е во надолна линија?

Ален Ајверсон, во дресот на Бешикташ.

Како на пример Бешикташ кога ризикуваше во сезоната 2010/11 со Ален Ајверсон – дојде на крајот на октомври, платата му беше 4 милиони долари, одигра 10 натпревари, во јануари оперираше лист и веќе не облече патики.

Дали МекКејлеб сака да продолжи со кошарката? Човек во емотивна позиција како неговата, кој што еднострано го раскинува договорот со екипа во АЦБ лигата, има проблем кој што го оддалечува од терените. Тоа може да е привремено, а може и да е крајно.

Што и да реши да направи следно во кариерата – засекогаш останува во нашите срца!

Што и да се случува со Бо МекКејлеб, ние му го должиме сиот респект на овој свет, му посакуваме се најдобро во животот и во кариерата, ако му е тоа желбата – што побрзо да се врати на терените, зошто да не и во македонската лига.

Нека биде тоа уште еден кошаркарски земјотрес, со македонски епицентар, како неговото појавување во црвено-жолтиот дрес…