ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ИЛИЕВСКИ: Успесите годат, продолжуваме по истиот пат

ИЛИЕВСКИ: Успесите годат, продолжуваме по истиот пат

сподели

Одамна на македонската кошарка и требаше освежување од типот на Блокотехна. И порано имало успешни проекти, но нивниот проблем беше што беа краткорочни и без визија.

Блокотехна е друга приказна, блиска до неа во моментов се само оние на Гостивар и АВ Охрид. Гевгелискиот клуб не користи ничија помош, работи со сопствени средства и за кратко време стана една од доминантните сили на домашната кошаркарска сцена.

Првиот дел од дебитантската сезона во Првата лига го одигра одлично, со само два пораза, еден во БИБЛ лигата, но сите во клубот се свесни дека најтешкото допрва претстои. Во следните четири месеци ќе се поделат трофеите во Првата лига и Купот на Македонија, како и во Балканската лига.

„Како клуб кој е нов во македонската кошарка и дебитант во највисокиот ранг на натпреварување, а имајќи ги предвид нашите цели и амбиции од пред сезоната, ние сме задоволни од она што го остваривме во периодот што помина.

Како во домашното првенство, така и во БИБЛ лигата, задоволни сме од постигнатото. Во Првата лига сме на второто место, а во регионалното натпреварување се наоѓаме на првата позиција на три кола пред крајот на регуларниот дел и веќе обезбедивме пласман директно во полуфиналето.

Нормално е да посакуваме да се најдеме во завршницата на двете домашни натпреварувања, како во првенството, така и во Купот на Македонија. Успесите годат, но треба да продолжиме по истиот пат до крајот на сезоната”, вели за basketball.mk тренерот на Блокотехна, Марјан Илиевски.

Но, мисијата на гевгелискиот клуб не се само клупските успеси. Блокотехна постои едвај една година, а веќе почна да остава траги во домашната кошарка. Следна цел е промовирање млади играчи кои треба да бидат иднината како на клубот, така и на репрезентацијата.

„Покрај добрите резултати на два фронта и создавањето на стабилен и конкурентен тим за висок пласман, не радува и фактот што имаме голем број млади кошаркари кои добија свој простор во играта и созреаја во овој краток временски период. Би го издвоил 18-годишниот Димитар Лазаревски кој во првенството има просек од 13 минути по натпревар”, додава Илиевски.