ПОЧЕТНА Во позадина ИЗБОРИ ВО МКФ: Кое мажиште, ќе се жртвува и ќе седне на...

ИЗБОРИ ВО МКФ: Кое мажиште, ќе се жртвува и ќе седне на жешкото столче?

сподели

Во животот, согласно на тоа и во спортот, перверзните порази и спектакуларните победи скоро секогаш одат заедно.

Темнопортокаловата магија кај нас ја дели истата судбина – го доживеа најголемиот репрезентативен успех по независноста, но се дави во радиоактивната кал во која што ја турнаа сите што кај нас сакаат да кажат дека (ја) работат кошарка(та).

Зошто велиме сите, зошто ја користиме таа излитена фраза, што е оправдување на слабаците кои што немаат аргументи?

Затоа што навистина сите с(т)е виновни, без исклучок. Посредно или непосредно, секој си има свој удел, а таа енергија, кога-тогаш се префрла таму каде што (не) треба.

Кои се главните протагонисти?

Во 12:00 часот е закажано Изборното собрание на МКФ, на кое што ќе се бира Претседател на нашата Куќа на кошарката. Кандидат има еден, се вика Перо Антиќ.

Владимир Темелковски се откажа во 5 до 24, синоќа, без официјално соопштение, а беше официјален претендент. Актуелниот претседател Петар Наумоски, не се изјасни(л) официјално, дали повторно ќе се кандидира.

Пеце владееше 4 години, ја стабилизира финансиската ситуација во касата која што беше без дно, го ограничи (намали) бројот на странците, една селекција (У16) се врати во А дивизијата преку освоена позиција (3) на континентален собир.

Дамки во неговото работење, барем официјално, нема, освен вештачки брзоодлепливи етикети со фрустрирачко-неизреализирано-искомплексиран предзнак, што сакаат да му ги закачат.

Дали е најдобар и најсоодветен за позицијата на која што се наоѓа(ше), тоа е друго прашање кое што треба сериозно да се елаборира и да се анализира со цел да се дојде до заклучок.

Перо единствен од појавените кандидати има програма, имаше доблест да се појави да ја презентира, јавноста ја слушна, наиде на позитивни критики.

Другите личности со кои што се шпекулира, ги нема. Дали се духови, дали се вистински, дали ќе ги видиме, дали нема да се појават, никој не знае.

Кои се имињата што веќе ги видовме?

Ова е списокот на предводници на македонската кошарка, кои што досега седеа на позицијата прв човек и ја водеа оваа прекрасна игра, се сладеа на успесите и ги болеше од горчливите неуспеси:

Благоја Самакоски 1992-1993
Зоре Темелковски 1993-1997
Јордан Камчев 1997-1999
Горан Рафајловски 1999-2001
Леонид Гајдаџиев 2001-2004
Драгољуб Арсовски 2004-2005
Даниел Димевски 2005-2015
Петар Наумоски 2015- …

Што го чека новиот Претседател?

Кој и да седне во жешкото столче, ќе мора да облече гаќи од железна легура со добра внатрешна изолација – железни за да истрајат, легурирани за да не се вцрват многу брзо и да не почнат да се топат, а изолирани за да не го пече кожата.

Кој и да биде избран, ќе биде соочен со жестоки предизвици, од сите аспекти – организациски, резултатски и финансиски.

Македонската кошарка одамна нема стабилна организациска структура, а можеби и никогаш немала. Зборуваме за опсегот од микро ниво, до макро ниво.

Младинските категории не произвеле играч(и), не паметат ни тие самите од кога. Односно, кога ќе размислиме подобро, одговорот е – никогаш! Тука не мислиме на природните таленти, туку на РАБОТА СО МЛАДИТЕ КАТЕГОРИИ.

Сениорската категорија годинава колку-толку не израдува со враќањето во репрезентативниот крем, но редовно секоја година не шамара лево-десно-горе-долу-напред-назад со болните дебакли на клупско ниво каде што немаме достоен претставник во европските купови од 70-тите години на минатиот век.

Спонзорите се поретко се решаваат да влезат во кошарката, кај нас, затоа што гледаат што ни се случува со овој спорт што некогаш ни беше гордост да кажеме дека го имаме.

Новиот претседател го чека борба со троловите од подземјето, со алчните аждаи кои што кружат на небото и со безличните зомби-бомби-лизни-мазни-фаци кои што чекорат по површината. Нема да му биде лесно, тоа мора да си го знае!

Каков Претседател ни треба?

На македонската кошарка и треба МАЖ! Имало претходно, ќе има пак. Но, нивното влијание било или кратко, или било покриено и изглодано од мнозината што го обожаваат хаосот каде што пираните, хиените и мршојадците најлесно живеат. Сега, следниот маж, треба да биде навистина маж! Ако сака да се чуе и да се пам(е)ти неговото владеење!

Ни требаат силни школи и клубови, силна лига, продукција на играчи, едукација на тренери, достојни репрезентации, резултати на кои што ќе се гордееме. Не е тоа ништо спектакуларно и неизводливо, но треба прво да се има визија, а потоа да се запоти задникот и да се изработи.

По последните долгонајавувани и најнеизвесни избори во МКФ, една жртва ќе има, тоа е сигурно – или оној што ќе се нафати на оваа функција што бара откажувања и беспоштедна борба, или кошарката ако не добие соодветен предводник. Трето, НЕМА!