ПОЧЕТНА Во позадина Зошто Фалангата не е вистинска Фаланга и зошто нашиот текст е најглупав...

Зошто Фалангата не е вистинска Фаланга и зошто нашиот текст е најглупав на светот?

сподели
balkaninsight.com

Згрешија оние што протолкуваа дека ја плукаме или ја ругаме нашата навивачка Фаланга, кога ја прозвавме зошто не била на мечот на МЗТ Скопје против Цибона во Загреб. Да го плукаш својот народ, значи да се плукаш самиот. Да го ругаш својот народ, значи да се потценуваш самиот. Тоа не беше нашата цел.

Веднаш се јавија оние кои што побрзаа да не потсетат дека биле од Битола, Охрид, Центар и навивале за Рома, Лацио, Челси и Рафаел Надал.

Токму кон вас беше насочен тој текст, во кој што ве повикавме барем еден ден во вашите животи да го смените кодот на размислување, да ги оставите сите ниски страсти и предрасуди на страна, да влезете во сала во која што игра македонска екипа и без разлика каков е резултатот и што се случува на теренот, на трибините вие да пеете за Македонија.

Аплицирајте веднаш за

Македонија е повеќе од МЗТ Скопје, Македонија е повеќе од спортските разлики по боја или населба или град.

Празниот дом на Дражен Петровиќ…

Зошто прашавме „зошто не бевте во сала“?

Затоа што не помисливме, ниту во најлудите сништа, дека треба да му дадете поддршка на МЗТ Скопје како екипа, туку да го вчудоневидите светот, уште еднаш.

Да види светската јавност дека македонскиот народ се сплотил и навивал за една последна екипа на една табела во едно натпреварување и покрај тоа што не ни слушнале тие навивачи за тоа натпреварување или за половина од играчите што играат во тимот што доаѓа од Македонија.

Дека Македонците наместо да даваат „по 10 долара ако треба за Македонија“, стојат еден до друг и навиваат еден за друг. Боите и припадноста не се битни во случајов, се работи за повисок, национален интерес, а веќе бевте таму.

Фотографијата е од Шибеник, салата „Домот на Дражен Петровиќ“ е во Загреб, но ви илустрираме кошаркарче и ликот на Дражен Петровиќ (фото: Index, ŠibenikIN, Pixsell).

Никој не рече да „запалите кола“ од дома и да одите специјално за МЗТ Скопје. Бевте таму, на 10 метри од домот на Дражен Петровиќ. Па барем да посакавте да влезете во таа сала, или и тоа име не ви значи ништо, а се нарекувате фанови на спортот?

Многу добро знаеме ние што е навивање, што се спортски натпревари или што е навивачки култ. И подобро од тоа што мислите. Имаме зад нас натпревари и дерби пресметки (Фенер – Галата, Панатинаикос – Олимпијакос, Партизан – Звезда, Реал – Барселона, Манчестер – Ливерпул, Милан – Интер) колку што некој од вас нема гледано репрезентативни мечеви, во живо.

Не е тоа поентата, да се мериме кој е поголем навивач, познавач или Македонец. Прозвани бевте затоа што не сте ЕДИНСТВЕНИ!

А, знаеме какво фрагилно време е пред нас, ни се решава едно големо историско прашање за понатаму, многу актуелно деновиве. Што мислите, каква порака ќе испратевте од Загреб?

„Где је одговор? Одговор је у шишу!“

Одговорот ви стигна, а може да го прочитате во коментарите на нашата ФБ група, од едно девојче. Барем профилот вели дека е женска личност.

Одговорот гласи – Повеќето од вас не беа навивачи на РК Вардар, па кога црвено-црните станаа европски шампион веднаш потрчавте в сала да се докажувате.

РК Вардар не е од Скопје? РК Вардар нема навивачи од Битола, Прилеп, Охрид, Струмица, Неготино и од другите македонски градови, или од сите скопски населби?

facebook.com/basketball.mk

Сакате да ни кажете дека примерот Рома – Лацио, или БББ – Торцида, или Делије – Горбари, навивачки групи кои што се колат, се горат со бакљи и се тепаат до смрт со противникот и фракциски меѓу себе пред, за време на и по натпреварите на нивните омилени екипи, ви се водилка во навивачкиот живот? Или сакате да кажете дека знаете кои се „Хорде зла“, а ние не ги знаеме?

фото: HRS / Nebojsa Tejic

Зошто македонската Фаланга, не е вистинска Фаланга?

Ако е македонска Фаланга, треба да брани се што е македонско. А не да бира кого ќе брани, а кого нема. Тука не зборуваме за клубови, туку за репрезентации. Фалангата прави сегрегација на репрезентациите, затоа што за едни навива, а за други не. Тука не зборуваме за брејк-денс, т(а)еквондо или репрезентација во куглање, а и тие се македонски, туку за најмасовните спортови.

Македонската фаланга оди во странство на натпревари, а ја нема на натпреварите на нашите репрезентации кои што мака мачат да обезбедат резултат и тоа на домашен терен, со бесплатен влез во салата каде што игра таа репрезентација.

Ако сте толкави навивачи и ако знаете што е навивање, тогаш ќе знаевте колку им бевте потребни на кошаркарите на мечевите во претквалификациите за СП и во претквалификациите за ЕП.

А истата таа кошаркарска селекција, само со други актери, кога дојде од ЕП 2011-та од Литванија, ја чекаа 100.000 луѓе на плоштадот Македонија. Ги чекаа кошаркарите, или го чекаа 4-то место? Во јануари 2012-та ракометарите беа 5-ти на ЕП во Србија, а на плоштадот немаше ни 5.000 луѓе.

За каква Фаланга, ние тоа зборуваме?

Чии се федерациите и репрезентациите?

МКФ не е на претседателот на МКФ, или на партиите, или на градоначалниците, или на кој било друг, а со тоа и македонските репрезентации не се ничии, туку ВАШИ.

Вие не одите да ги бодрите ВАШИТЕ чеда, кои што ги бранат ВАШИТЕ бои!

Зошто ве нема и на фудбалските натпревари, кога доаѓа Луксембург? Кога доаѓа Шпанија човек не може да го пипне мобилниот, кој што му гори од тоа што барате гратис билети. Па, кога ќе видите дека нема, ќе си купите, ама за Шпанија, за Италија, за Англија и за другите, не за Македонија! Тука нема компромис, тоа е така и нема никој да не разубеди!

Лесно е да се навива за победник, но вистинското навивање претпоставува заедништво секогаш и по секоја цена, и во добро и во зло!

Особено е потребно кога на еден спортист не му оди, да му дадете кураж, сила, мотив. Па нека загуби. Не може сите да се светски шампиони. Но, може да бидат пополнети сите столчиња во една сала на секој натпревар, тоа е уште еден момент во кој што никој не може да не разубеди.

Може и МОРА да се сака своето, какво сака нека е. Со тоа што не го сакате своето, не се сакате себеси.

фото: HRS / Nebojsa Tejic

Значи, вие сте ракометна фаланга, а не македонска?

Додуша, поголемиот број од вас ве немаше во минатото ниту на ракометните натпревари, но откога почнавме да играме на ТВ и откако спортот е најгледаното нешто на планетава, што особено последнава деценија со порастот на ТВ индустријата и на другите дигитални апарати е мошне изразено, ве има, и тоа во поголем број.

Тоа се тие глад и жед да се биде виден.

Но, тоа е ваше право. Ние не рековме или побаравме, ниту пак имаме право да го правиме тоа, да не го правите тоа што го правите, туку во позадина ве прозвавме зошто го користите името македонска фаланга?

Зошто нашиот текст е најгупав на светот?

Во еден ваш коментар на нашата ФБ страна кажавте дека тој текст, во кој што ја прашавме Фалангата чија екипа е МЗТ Скопје, бил најглупав на светот, со што ние потполно се согласуваме.

Затоа што се обидува со глава в ѕид, затоа што тргнува со голи гради на ‘рѓосана вила, да разубеди некого во сфаќањата што му се наметнати или стекнати со времето, да направи нешто што неговите предци или идоли не го направиле, а требало да го направат.

Да било така, да биле направени вакви и слични потези, да сме биле единствени и по најбаналните прашања како ова со МЗТ Скопје во Загреб, од поодамна немаше да се грижиме за нашата иднина.

А, сфаќањата не ви се природни. Никако не може да разбереме како не ви заигрува срцето кога македонски клуб ќе победи некого од надвор?

Кога македонски репрезентативец кој што игра, па макар и за клубот што го мразите најмногу, ги прави парче противниците кои што се странци? Утре тоа дете ќе ги носи боите на Македонија, не е можно оној што го пцуете денеска, да го сакате утре. Не е можно!

Зошто нашиот текст е уште поглупав на светот и од претходното „зошто е најглупав на светот“?

Нашиот текст е поглупав од најглупавиот на светот и затоа што се обидува да ги разбуди поранешните, кои што во скоро време може (но и не мора да се случи) комплетно да го загубат идентитетот и да престанат да постојат такви какви што сакаат да бидат, затоа што не го сакаат тоа своето, доволно многу и доволно силно, односно доволно како што треба.

Проблемот вирее многу подлабоко, од мечот на МЗТ Скопје во Загреб, само кој да види. Спортот е рефлексија на случувањата во општеството и има огромна социјална димензија, да ја научите оваа максима ако не сте ја знаеле и никогаш да не ја заборавите!

Секој има право на свој избор и го прави тоа што сака да го прави. Нема политика или предавање во текстов, има само чудење и скриен страв од неизвесноста на она што следи, што може да има конечни репреркусии по нашето ноншалантно јас-не-навивам-за-скопјанишчана-или-сељачиштана однесување.

А, по конечното, веќе нема друго, тоа е крајот.

Како и да е, што и да се случи, напред Македонија (ама и кошаркарска!!!) додека не држи глас!