ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Знаете ли зошто младинските мечеви собираат повеќе публика од прволигашките?

Знаете ли зошто младинските мечеви собираат повеќе публика од прволигашките?

сподели

Младинскиот полуфинален ден, во категоријата до 18 години, на фајнал-фор турнирот што се игра во салата Градски парк, ја наполни централната трибина.

Каде и да се играше овој турнир, салата ќе беше полна. На трибините доаѓаат родителите, пријателите, другарите, роднините, соперниците, тренерите, играчите, сегашни и поранешни, блиските и далечните на момчињата што се на паркетот.

По автоматизам, тоа ви е полна сала. Уште ако се понуди некаков посериозен квалитет, тоа значи и поголема возбуда и поголем интерес на медиумите, а со тоа и на јавноста, односно спонзорите.

Знаете ли зошто трибините се полни на младинските мечеви? Затоа што публиката доаѓа да ги гледа своите, да се поистоветува со јунаците на теренот, да навива за нашите. Кога се во прашање емоциите, квалитетот е во втор план.

Македонските прволигапшки екипи го изгубија идентитетот. Полни се со странци. Се претворија во третолигашки екипи на некои други земји. Доаѓаат играчи, со чест на исклучоците, кои што не можат да играат никаде, па тука го наоѓаат „мирот“.

Нема стратегија за развој на младинската кошарка. Младинските екипи на нашите гиганти, некогаш газеа се пред себе и беа лидери, а сега рамноправно се борат со „школите“ кои што постојат помалку од една деценија.

Наместо големите клубови да ја кренат кошарката и да ги водат другите, тие се спуштија на нивото на другите. Тоа е главниот мотив, што треба да го предизвика и новото раководство на македонската Куќа на кошарката.

Публиката не беше само присутна во салата, туку гореа дланките. Изгореа грлата. А во финалето што се игра од 21 часот, меѓу МЗТ Скопје и Партизан Водно Санс, се очекува атмосферата да пламне.

Прволигаши, вие што (велите дека) се залагате за домашни играчи и развој на кошарката, гледајте и учете. Што и да правите на паркетот, треба да знаете дека вистината е на трибините! Секогаш!