ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ЗА ЕДНА ТОПКА: Работнички имаше повеќе нерви во финишот

ЗА ЕДНА ТОПКА: Работнички имаше повеќе нерви во финишот

сподели
Јаневски блескаше, ама капитенот Мираковски ја погоди клучната тројка

Работнички го победи МЗТ Скопје со 88:90 во дербито на шестото коло што, воедно, беше прво дерби во новата сезона.

Натпреварот беше еден од најинтересните, најнеизвесните, но и најквалитетните меѓу овие два ривала последните години. Двете екипи покажа исклучително добра и пожртвувана игра, ја посакуваа победата и играа како да станува збор за финале.

Аплицирајте веднаш за

По израмнетите 4 минути, Работнички беше тој што прв резултатски се одлепи. Прво на 5:11, а потоа и на двоцифрена разлика – 10:20. МЗТ Скопје врати со серија од 11:3 до крајот на првата четвртина која гостите ја завршија со минимална предност.

Слично се одвиваше и вториот период – Работнички го диктираше темпото, но секогаш кога ќе направеше предност, МЗТ Скопје се враќаше во игра. Сепак, домашниот тим можеше да биде среќен што на крајот од првото полувреме беше само +4 за противникот бидејќи играа само тројца кошаркари – Бојиќ, Медфорд и Вудард кои заедно постигнаа 37 од вкупно 44 поени.

За разлика од МЗТ, Работнички имаше повеќе расположени иако Докузовски играше само со седуммина кошаркари. Сите што се појавија на теренот, го дадоа максимумот и ја одржуваа предноста.

И пред крајот на третиот период гостите направија +8 (67:59), но МЗТ Скопје се врати на -1 благодарение на тројката на Симоновски во последната секунда. Тоа беше најава за револверашката пресметка во последните десет минути.

Почна Јаневски, но на спротивната страна вратија Симоновски и Стојановски, а им се приклучи и Вудард. Сепак, клучната тројка ја погоди капитенот Мираковски на помалку од минута пред крајот и со неа го однесе својот тим на +3 (89:86).

Во следниот напад промаши Магдевски, но и Работнички пропушти можност да го реши прашањето околу победникот бидејќи не успеа да упати шут.

Последниот напад го имаше МЗТ Скопје, Симоновски промаши тројка, топката ја прифати Стојановски кој беше фаулиран и изведе две слободни фрлања. Сакаше да го промаши вториот „пенал“, но топката влезе во кошот за 88:89.

До крајот останаа помалку од пет секунди, домаќините не беа излезени од бонусот, па загубија дополнително време пред личната грешка на Симоновски. Потоа и Мираковски беше фаулиран, а тој погоди само едно слободно, но при второто топката не го допре обрачот и на МЗТ му останаа 1,8 секунда за последниот шут.

Симоновски не беше прецизен од својата половина и бодовите заминаа во Градски парк.

Марјан Јаневски покажа дека ќе биде огромно засилување за Работнички, постигна 30 поени и беше најзаслужен за победата на шампионот.

Кај МЗТ Скопје, Бојиќ постигна 19 поени, но српскиот интернационалец затаи во второто полувреме.

По шестото коло, шампионот останува единствен непоразен тим во домашното првенство. За МЗТ Скопје, ова е втор неуспех по оној против Блокотехна во првото коло.