ПОЧЕТНА Во позадина Кошарко, угледај се на ракометот!

Кошарко, угледај се на ракометот!

сподели
фото: HRS / Nebojsa Tejic

Не постои Македонец кој овие денови не се чувствува горд на она што го прави македонската репрезентација на Европското ракометно првенство во Хрватска. Македонија е првопласирана во група со актуелниот европски шампион Германија и со третата репрезентација во светот, Словенија.

Ама како кошаркарски фанатаци, нас во овој период ни течат солзи. Од едното око – радосници поради успесите на ракометарите. Од другото – чемер и јад затоа што кошарката порано беше најпопуларен спорт во земјава, а сега не може ни да се стави во иста реченица со ракометот и сме заборавиле кога последен пат сме се израдувале на голема победа.

Аплицирајте веднаш за

Кошарката ги имаше сите услови да биде спорт број еден: четврто место на Европско првенство, што се уште е најголем успех на една македонска репрезентација, континуитет на настапи на континенталните шампионати и еднаш пред портите на Летните Олимписки Игри, кошаркар во НБА кој што освои една, две па и три титули во Евролига, на клупско ниво едно од најголемите градски дерби пресметки на Балканот што во минатото беше знак за престиж…

Од сето тоа остана едно големо – НИШТО.

Додека машката ракометна репрезентација доживува ѕвездени мигови и рамноправно се бори со најдобрите во светот, кошаркарската селекција игра претквалификации за пласман на Европско првенство во 2021 година.

Додека Вардар е европски клупски шампион, најдобриот (во моментов) кошаркарски колектив во земјава е последен во регионалната АБА лига. И претставникот во АБА2 е исто така последен.

Додека најдобрите ракометари ги имаат најдобрите услови за работа, за нив се градат сали, а навивачите се „тепаат“ за карти, кошаркарите никој не сака ни да ги гледа, дури и кога влезот на натпреварите е бесплатен.

Додека во ракометните клубови играат најдобрите светски играчи (Лука Циндриќ од Вардар официјално најдобар во светот за 2017 година) и ги тренираат тренери со европски и светски титули, кошаркарските ангажираат третокласни странци за кои и дома кај нив не знаат дека се занимаваат со кошарка.

фото: HRS / Nebojsa Tejic

Металург и Вардар ги имаат можеби најдобрите ракометни школи на Балканот и веќе почнаа да произведуваат репрезентативци кои што во следниот период ќе бидат носители на играта. Работнички нема „извадено дете“ од својата школа од Перо Антиќ, а МЗТ Скопје од Мирза Куртовиќ. За другите школи да не зборуваме, како што кажа еден еминентен стручњак, повеќе личат на туристички агенции.

Ова за школите кои што работат по системот – илјадарче месечно од дете за платичка – земете го со резерва. Има исклучоци, но и тие може да ги бараме со лупа. И тие исклучоци најчесто „прават“ играчи од екстраталентирани деца што каде и да отидат, едноставно, ќе играат кошарка затоа што се надарени за тоа, а за жал такви кај нас има малку. НЕМА ШКОЛА ВО МАКЕДОНИЈА ШТО ПОСЛЕДНИВЕ ДВЕ ДЕЦЕНИИ, А МОЖЕБИ И ПОВЕЌЕ, СОЗДАЛА ИГРАЧ СО МАКОТРПНА РАБОТА! НЕМА!

Во едно не толку минато време не можеше место да се фати во кошаркарска екипа, од што имаше премногу деца кои сакаат да играат кошарка. Сите што беа пониски од два метра, а доаѓаа во сала, уште при првата селекција беа испраќани да играат џамлии. Сега, сите имаат желба да бидат Лазаров, Талески, Кузмановски, Георгиевски, па и Карачиќ, Борозан, Дибиров, Штербик.

Во овие девет години откако машката ракометна репрезентација има континуитет на настапи на големите натпреварувања, околу неа е создаден култ. Каде и да оди, со неа е армија навивачи од по 2-3-4-5 илјади фанови (во зависност од тоа каде се игра првенството) кои прават фантастична атмосфера и тоа стана нејзин заштитен знак.

фото: HRS / Nebojsa Tejic

Ама, во македонскиот ракомет нема „интерпелација“ на претседателот на Федерацијата на секои 12 месеци. Не се менуваат претседателите политички, или, како што слушнавме низ кулоарите изминативе два месеца, затоа што така му текнало на некој човек од некој клуб за кого не може да се најде погоден претседател на Федерацијата.

Можеби и навистина претседателот, или последните два претседатела, или последните три, или последните сите претседатели на КФМ и на МКФ не беа погодени, но не е тоа поентата. Поентата е дека не постои национална стратегија!

Дури и кога не одеше, а ракометната репрезентација не успеа да се пласира на Олимписките игри во Рио де Жанеиро, Живко Мукаетов доби максимална поддршка од сите фактори во ракометот: од клубовите, преку репрезентативците, до функционерите.

И сето тоа иако самиот Мукаетов најави оставка ако не биде остварено најавеното и не планираше да отстапи од својот збор, но некаква виша сила, за среќа, наша и на нашиот ракомет, нашиот спорт и нашата историја, го натера да остане.

фото: HRS / Nebojsa Tejic

Ракометните репрезентативци се како семејство. Кога излегуваат на терен се како разјарени лавови. Додека ја пејат химната пена им излегува од устата и мислиш ќе го изедат противникот.

Кошаркарите го имаа тоа, но го загубија по тоа толку споменувано четврто место во 2011-та година, што од овој аспект човек ќе си помисли – подобро и да не се случеше!!! Ова е само симболика, секако дека се радуваме што се случило и сакаме да се повтори!

Најдобриот ракометар во земјава, со над 50 трофеи во кариерата и еден куп соборени рекорди во Лигата на шампионите, на Светските и на Европските првенства и на речиси 38 години, со гордост го носи дресот на националниот тим и даде завет дека нема да се откаже од него, се до оној момент кога зад себе ќе остави здрави наследници. Макар играл и во петтата деценија.

фото: HRS / Nebojsa Tejic

За тоа време, нашите најдобри кошаркари ги нема, од кои причини, никогаш не ни стана јасно. Тоа се провлекуваше со години, се некој некогаш по нешто ќе најдеше, да не игра за Македонија.

Тука не ги броиме оправданите причини, да не се разберме погрешно!

Сеедно дали во претквалификации, или квалификации за Светско или за Европско првенство. Којзнае дали овие луѓе размислуваат за повисоките интереси на македонската кошарка, а со тоа и за историјата на оваа земја, која што им дала шанса и ги вивнала во височините каде што се сега.

Така нема успех. Не е важно кој е виновен. Сите кошаркари, кошаркарски работници, па и луѓето што биле, се и ќе (сакаат да) бидат во Федерацијата (сите гарнитури, од првата до последната) под итно треба да почнат со часови кај своите колеги од ракометот. Колку побрзо ги прифатат методите на работа, толку побрзо и кошарката ќе се врати на старите патеки.

Замислете ја Македонската кошаркарска федерација, кога ќе влезете на прием кај претседателот поради која било причина, на вратите до салата за состаноци да читате: Врбица Стефанов – директор на ова, Владо Илиевски – директор на она, Петар Наумоски – директор на трето, Благоја Георгиевски – директор на четврто, Лазар Лечиќ, Митко и Јанко Луковски, Стојна Вангеловска, Моника Гавриловска…

Перо Антиќ не го споменуваме затоа што уште е активен, а зборуваме за пензионирани личности, кои што нешто значеле во македонската кошарка.

Ви значат нешто имињава? Има уште многу, кои што за жал наша и на нашата кошарка, не се истурени во првите оперативни борбени редови, туку се мумифицирани или фрлени во нафталин.

Повеќето од нив загубиле контакт со реалноста на нашава кошарка, затоа што долги години се отсечени од збуднувањата во неа, каде што мешетареа секакви луѓе и нелуѓе и ја доведоа до ваму каде што е!

И, на крајот, не е ни битно кој е претседател. Нека биде менаџер кој што знае како да направи пари, да воведе ред и дисциплина. Оние во вториот ешалон нека си ја работат кошарката и своите искуства нека ги пренесуваат на најмладите и на сениорите.

Веќе ако мора, главата може и секој ден да се менува, но телото не смее да трпи последици. Потребен ни е здрав кошаркарски организам отпорен на сите вируси, во сите периоди од годината. Знаеме дека ќе биде тешко, но ако мислевме дека ќе биде лесно, воопшто не го ни правевме порталов и немаше да се мачиме да трошиме време за пишување!

Кошарката, ПРЕД се и НАД се!