ПОЧЕТНА АБА Задар го уништи Партизан, Чанак поднесе оставка

Задар го уништи Партизан, Чанак поднесе оставка

сподели

Заминувањето на поранешниот македонски селектор Алеш Пипан и назначувањето на екс-тренерот на МЗТ Скопје, Анте Назор очигледно позитивно влијаеше на кошаркарите на Задар кои ја остварија првата победа во АБА лигата.

И тоа не каде било, туку во белградската Арена против најтрофејниот тим во регионалното натпреварување Партизан со 85:95. Хрватскиот тим претходно загуби од ФМП, Цедевита, Олимпија и Морнар, но против „црно-белите“ одигра фантастичен меч, особено во нападот и направи изненадување.

Победата можеше да биде и поубедлива бидејќи Задар во последната четвртина водеше и со 23 поени разлика (68:91), а Партизан го заврши натпреварот со серија од 12:0 со што избегна тотален дебакл.

Аплицирајте веднаш за

Тоа е петти пораз по ред за Партизан во сите натпреварувања, а сметката за лошата форма ја плати досегашниот тренер Ненад Чанак кој по мечот поднел оставка.

„Се поздравив со сите играчи бидејќи сум единствен одговорен за петте порази во низа. Несфатливо ми е како можеме да загубиме дома со толкава разлика од екипа која не победила никого оваа сезона.

Како некој што го сака Партизан, сметам дека е подобро да дојде некој друг на моето место. Заминувам бидејќи нема никаква реакција на претходните порази и колку порано пресечам, толку подобро за екипата.

Чист сум пред себе, го дадов својот максимум и мислам дека ова е нормален потег“, изјави Чанак.

Тој го презеде Партизан минатата сезона и во февруари му го донесе на клубот првиот трофеј по пауза од четири години триумфирајќи во Купот на Србија. За раководството оваа одлука е неочекувана, па уште нема ниту најава кој би можел да го наследи Чанак на тренерската функција.