ПОЧЕТНА Избор на уредникот Заврши мачењето, сега доаѓа она вистинското

Заврши мачењето, сега доаѓа она вистинското

сподели

Во пресрет на најголемиот натпревар во нашата кошарка, соочувањето меѓу Работнички и МЗТ Скопје, се осврнуваме на сезоната досега и на тоа што не очекува до крајот.

Аеродромци го заклучија настапот во најлошата, односно ужасната АБА кампања со пораз кај Морнар. Уште еден убедливо загубен дуел, за потврда на последното место со минусно салдо -369.

Трите победи и 19-те порази на актуелниот македонски шампион и учесник во регионалното натпреварување, се резил сам по себе, но ова е натпреварувачка година во која што се случија многу престврти кои што влијаеа на ваквиот исход.

Аплицирајте веднаш за

Промена на раководна структура, различен буџет, различна селекција на играчи, поинаков пристап – се беше поинаку од минатите 5 сезони. Не велиме погрешно, или исправно, велиме различно. На крајот, резултатот е исто така различен.

Сезоната почна со еден тренер, завршува со друг. Александар Тодоров беше заменет со Жељко Лукајиќ.

Во ситуација кога најверојатно со указ ќе преживее во јадранската лига, на МЗТ Скопје и не му беше важно дали ќе биде на последната или на 4-та позиција. Со опстанокот првата цел е остварена, а Еврокупот каде што одат најдобрите 3 екипи по шампионот на АБА, не беше цел, премногу е скап.

Домашниот Куп е освоен, што значи дека две од зацртаните три цели се исполнети. Третата е најтешката, таа доаѓа на крајот на календарот во домашната лига. Се вика – титула. Но, сезонава е различна и на нашево тло, од претходните 6 во кои што царуваа штрковите. Сезонава, се разбуди џинот од „Градски парк“, кој што игра во транс.

Работнички славеше на првата вечна пресметка сезонава, со 71:76 во СЦ „Јане Сандански“.

Повторно гледа(в)ме вечно дерби какво што заслужуваме, повторно двата скопски синонима за нашата кошарка се на високо натпреварувачко ниво, повторно има возбуда и неизвесност во битката за круната во македонскиот шампионат, во која што може да се случи на крајот за завршат токму овие два тима.

Најтрофејната екипа има 18 победи во исто толку одиграни средби, се наоѓа на првата позиција на табелата. Следниот предизвик, е гостувањето на најголемиот „непријател“ кој што е на четвртата позиција со 12/5. Овој натпревар има подлабоко значење, од само „обично вечно“ дерби.

Работнички се справи со сите, па и со Блокотехна (екипа која што два пати го победи МЗТ) и тоа многу полесно од очекувањата на двата натпревара, иако вториот одигран во Гевгелија беше до некаде неизвесен во финишот.

Работнички се бори за натпревар повеќе на домашен терен, во доигрувањето, што е огромна предност во ваквата поставеност на нештата. Бастионот тешко се освојува и кога црвено-белите имаат послаби ростери, а со оваа екипа, во фаза кога се решава шампионот, може само да замислиме.

Тимовите што ќе се пласираат на првите 6 позиции во регуларниот дел, пренесуваат се во Супер лигата, односно сите резултати од претходните 22 кола. Ќе одиграат 10 во втората фаза и најдобриот ќе има предност домашен паркет, се стартува од 0:0 до три победи во полуфиналето и во финалето.

Работнички, сезонава, најтешко играше против Кумановци.

Рано е да се зборува за борбата за титулата, затоа што мора да ги предвидиме и факторите Блокотехна, односно евентуално изненадување кое што може да се вика Куманово или некоја друга екипа, на пример од западниот дел на Македонија. Не смееме ништо да исклучиме, затоа што спортот многу пати покажал дека ништо однапред не се знае.

В сабота сите патишта повторно ќе водат кон „Градски парк“, спроти „Југ“, под „Маракана“. Тоа е местото каде што ќе се судрат гради в гради, петлите од Центар и од Аеродром. Еден ќе си оди дома искубан, а кој ќе биде тоа, ќе знаеме по пресметката во 18:00 часот.