ПОЧЕТНА А Репрезентација Ефектот на Шејн Витингтон

Ефектот на Шејн Витингтон

сподели
фото: Мартин Стојанов, Гевгелија

Македонија е на крстопат со три реални насоки и четврта што е можна и не би требало да се исклучи, од кои што ќе мора да избере една и тоа што поскоро. Без натурализиран играч играме тешко, но мора да знаеме и да заклучиме што ни треба, со цел, кога ќе завршат овие претквалификации, да направиме стабилен избор.

Не е тајна дека и ова раководство на МКФ сака да го види во нашите редови Бо МекКејллеб, преговорите почнаа одамна и се уште траат, не знаеме во која фаза се. Ричард Хендрикс игра маестрално под двата обрача и носи стабилност, а Шејн Витингтон со неговата енергичност е третиот што е сериозен кандидат.

фото: Мартин Стојанов, Гевгелија

Другите Американци или не ги задоволија нашите вкусови, или не се сериозни, или се возрасни, или се паднати во формата. Ниту МекКејлеб (Сарагоса, АЦБ) не е тоа што беше, има 33 години и е највозрасен во оваа финална тројка од која што ќе мора да избереме, но тој е МАГНЕТ и ИКОНА за нашата публика.

Аплицирајте веднаш за

Шејн Витингтон (27) го одигра првиот меч за Македонија во Швајцарија, кога резултатот не ни беше во преден план, односно кога веќе бевме со едната нога во следната фаза и ни требаше поднослив пораз помал од 15 поени. Тоа го сторивме (85:79), а тој имаше 11 поени, 6 скока, 3 украдени топки, 2 загубени, 1 асистенција и 5 фаули за 30 минути игра.

фото: Мартин Стојанов, Гевгелија

На мечот со Косово, во Гевгелија, Витингтон одигра над 28 минути и беше втор стрелец со 15 поени, зад Трајковски со 23. Имаше 6 скока, 3 украдени топки, 1 асистенција и 3 лични грешки. Играше на петка, иако позицијата четири е негова природна. Тој игра со лице кон кошот.

Токму овој стил на игра на играчот на Андора во шпанската АЦБ лига, е клучниот моомент што треба да пресуди кого ќе избереме за настап во квалификациите, ако (а очекуваме да, со победа или пораз под 14 поени кај Романија) поминеме, иако не смееме да анулираме нкого на прва, затоа што во спортот не се знае кога кој ќе ти затреба.

фото: Мартин Стојанов, Гевгелија

Ричард Хендрикс (32) е петката што очајно ни недостасува, што никогаш не сме ја имале наша, што нема емоции кои што може да му го поматат умот кога игра натпревар. Тој е професионалец, на секој меч дава се од себе, на секој меч се труди да го окупира рекетот на двете страни.

Во Косово, на првиот натпревар, постигна 11 поени, но имаше 12 скока. Неколку од овие прифатени топки беа клучни за конечниот исход и нашата победа (73:76), што беше најголемиот чекор кон квалификациите. Имаше само една лична грешка, што го илустрира неговото искуство, а одигра преку 25 минути.

фото: Мартин Стојанов, Гевгелија

Уште еднаш за Хендрикс – кој што имаше 14 поени со 7 скока на мечот со Романците во Скопје, кога со триумфот 90:76 си обезбедивме колку-толку мирен реванш во последниот наш натпревар, иако потоа, ако условно кикснеме, може да решава мечот Косово – Романија.

Двајцата високи играчи кои што ги избравме за овие претквалификации, имаа солидни настапи, но ќе мора да признаеме дека ефектот на Хендрикс е далеку посилен од ефектот на Витингтон. Двајцата беа одлични кога играа и максимално се вложуваа. Селекторот ќе има слатки маки, ако бира меѓу нив двајца.

фото: Мартин Стојанов, Гевгелија

Евентуален проблем во изборот, односно најслатка мака, може да претставува евентуалното ДА од Бо МекКејлеб, за враќање во нашиот национален состав. Веќе еднаш им кажа да на Наумоски и неговата канцеларија, но потоа се предомисли, за што веќе пишуваше basketball.mk.

На крајот, пресудата треба да биде донесена не врз база на емоции, туку врз база на она што нам ни треба и на она кој колку може да ни даде, односно врз база на идејата на селекторот и врз база на формата во која што се наоѓаат споменатите кошаркари, ако не изненадиме со друг, кој што е подобр од сите овие.