ПОЧЕТНА АБА Ете ја причината за поразите: МЗТ Скопје лидер по бројот на загубени...

Ете ја причината за поразите: МЗТ Скопје лидер по бројот на загубени топки во АБА лигата

сподели
Каков ли ќе беше „скорот“ ако МЗТ Скопје не губеше толку топки...

По пет кола од АБА лигата, МЗТ Скопје е со биланс од две победи и три порази, а малку недостасуваше нашиот тим да има 4-1 или 3-2.

Со исклучок на ФМП, никој досега не го надигра составот на Александар Тодоров, но впечаток е дека кошаркарите на МЗТ Скопје сами се виновни или заслужни за моменталниот ефект. Никој не може да им ја оспори желбата, на секој натпревар играат како да им е последен, но тоа носи и низа ризици и последици.

Статистиката е како бикини, некогаш покажува работи што луѓето сакаат да ги видат. Во случајот со МЗТ Скопје, статистиката открива каде лежи проблемот во играта на македонскиот шампион. Во првите пет кола, тимот од Аеродром има најголем број загубени топки – вкупно 78 или во просек по 15,6 по натпревар.

Најмногу во дуелот со Задар – 20 и тоа е поразот за кој најмногу жалат кошаркарите на МЗТ Скопје и нивните навивачи. Парадокс е натпреварот против Игокеа на кој нашиот тим загуби 17 топки, а домаќините само седум, но тогаш МЗТ Скопје постигна дури 13 тројки што не се случува често.

Ако гледаме индивидуално, најголем потрошувач е Бојан Трајковски со 3,2 по натпревар, но многу блиску до него се Јордан Минчев (2,67), Ерик Гарсија (2,4) и Дамјан Стојановски (2,4). Тоа е единствена статистичка категорија во која МЗТ Скопје има тројца меѓу првите 15 по бројот на загубени топки во просек, а Дамјан Стојановски формално е на 17. место, но шестмина кошаркари се со ист ефект.

Ерик Гарсија е еден од најдобрите асистенти во лигата, но и еден од најголемите потрошувачи на топки

Се разбира, грешките се дел од спортот, дел и од животот и веројатно не можат да се искоренат до крајот. МЗТ Скопје мора да тежнее кон тоа да ги сведе на минимум бидејќи АБА лигата е мошне израмнета оваа сезона и детали одлучуваат дали една екипа ќе биде второпласирана или претпоследна на табелата. И самиот Тодоров по победата против Игокеа истакна дека ќе негува брза игра, а таа по дефиниција носи грешки во додавања и избрзани шутеви.

А, за тоа дека постои тимскиот дух во МЗТ Скопје, најдобро потврдува фактот дека оваа екипа е на второто место по бројот на асистенции. Во досегашните пет кола вкупно 93 или по 18,6 на натпревар. Најдобар е Ерик Гарсија со 32 (6,4 по натпревар) со што Американецот се наоѓа на третото место во оваа статистичка категорија во лигата.